Сртот

Еден Германец, по првиот пад, се обиде да се крене и да се оддалечи од групата. Двајца Козаци тргнаа по него и можеби и го изгубија, но тој не знаеше каде оди и по неколку чекори се лизна и падна нанапред и повторно го имаа. Во таа збрка, му падна шлемот. Водачот на Козаците јасно стави до знаење дека не смееме да го оставиме таму, бидејќи ако пристигнат кучињата може да го следат мирисот и ќе нè откријат. Токму тогаш забележавме дека вториот Германец беше гологлав. „Проклети да се овие копилиња“, промрморе Грањола. „Неговиот шлем падна кога го одведовме кон дрворедот. Доколку стигнат таму со кучињата, ќе го имаат мирисот!“
Ништо со тоа. И, навистина, поминавме само неколку метри понатаму кога слушнавме гласови одозгора и разлаени кучиња. „Стигнале до дрворедот, животните го надушкале мирисот и покажуваат дека се движиме по овој пат. Останете мирни и тивки. Прво, мораат да го пронајдат отворот во ѕидот а, доколку не знаеш каде е, не е едноставно. Второ, мораат да се симнат. Ако нивните кучиња се внимателни и се движат бавно, и тие ќе газат бавно. Ако кучињата се движат брзо, нема да бидат во можност да продолжат и ќе паднат. Не можат да те фатат, Јамбо. Движи се колку што можеш побрзо, ајде да мрднеме“.
„Ќе се обидам, но преплашен сум“.
„Не си преплашен, само си нервозен. Земи длабок здив и движи се“.
Бев на работ да се помочам од страв, како и свештеникот, но во исто време знаев дека сè зависи од мене. Забите ми беа стегнати и во тој момент многу порадо ќе бев Жирафон или Јојо, наместо легионерот Романо; Хорациј Хорсколар или кравата Кларабел, наместо Мики Маус во Куќата на седумте духови, Сињор Пампурио во неговиот стан наместо Флеш Гордон во мочуриштата на Арборија. Но, кога си на подиум немаш друг избор освен да играш. Почнав да се симнувам низ сртот најбрзо што можев, имајќи го во мисли секој чекор.
Двајцата заробеници ни го забавуваа чекорот; со марамите в уста им беше тешко да дишат и паузираа секоја минута. По најмалку петнаесетина минути стигнавме до карпата и бев толку сигурен каде се наоѓа што ја допрев со мојата испружена рака пред воопшто да ја видам. Моравме да останеме блиску еден до друг поминувајќи околу неа, бидејќи ако некој сменеше положба кон десно ќе дојдевме до работ и провалијата. Гласовите над нас сè уште јасно се слушаа, но беше нејасно дали тоа е така затоа што Германците викаа погласно за да ги поттикнат своите несигурни кучиња или дали успеале да го поминат ѕидот и се приближуваат.
Двајцата затвореници, слушајќи ги гласовите на своите другари, се обидоа да се извлечат и кога, всушност, не паѓаа, се преправаа дека паѓаат, обидувајќи се да се стркалаат странично, не плашејќи се од повреди. Сфатија дека не можеме да ги застреламе, поради гласовите и каде и да завршат кучињата ќе ги пронајдеа. Немаа што повеќе да изгубат и, како и секој кој што нема што да изгуби, станаа опасни.
Одненадеж слушнавме пукотници од полуавтоматско оружје. Немајќи можност да се симнат надолу, Германците одлучија да пукаат. Но, имаа агол од речиси сто и осумдесет степени од сртот пред нив и немаа идеја по кој пат сме тргнале и затоа пукаа насекаде. Исто така, не сфатија колку е стрмен сртот и пукаа речиси хоризонтално. Кога пукаа кон нашиот правец можевме да ги слушнеме куршумите кои ни свиреа над главите.
„Да се движиме, да се движиме“, рече Грањола. „Нема да нè пронајдат“.
Но, првите Германци сигурно почнале да се симнуваат, добивајќи претстава за искривеноста на теренот, а кучињата сигурно почнале да се упатуваат во поодреден правец. Сега пукаа, повеќе или помалку кон нас. Слушавме како свират куршуми преку блиските грмушки.
„Без страв“, рече Козакот. „Го познавам Reichweite of their Maschinen“.
„Дострелот на нивните автоматски пушки“, објасни Грањола.
„Да, така. Доколку не се симнуваат повеќе и ние се движиме побрзо, тогаш куршумите нема повеќе да ни се приближуваат. Епа, да побрзаме“.
„Грањола“, реков со огромни капки солзи в очи, „можам да одам побрзо, но вие останатите не можете. Не можете да ги влечкате овие двајца со нас, нема смисла јас да трчам надолу како коза ако тие продолжат да нè задржуваат. Да ги оставиме овде или се колнам дека ќе се симнувам сам“.
„Ако ги оставиме овде, тие ќе дигнат тревога во секунда и ќе ги повикаат и другите“, рече Грањола.
„Ќе ги убијам со кундакот од пушката, тоа не прави никаков звук“, свика Козакот.
Идејата за убивање на тие двајца кутри мажи ме смрзна, но се смирив кога Грањола промрморе „Проклетство, не е добро дури и да ги оставиме овде мртви, кучињата ќе ги пронајдат и другите ќе знаат по кој пат сме тргнале. Само едно нешто може да се стори: да предизвикаме да паднат во некој правец и кучињата да тргнат натаму, а на тој начин можеме да добиеме десетина и повеќе минути. Јамбо, овде кон десно немаше ли некаков лажен пат што води кон провалијата? Добро, ќе ги турнеме овде подолу, ти рече дека секој кој што оди по тој пат нема да го забележи работ и лесно ќе падне, а кучињата потоа ќе ги одведат Германците кон дното. Пред да можат да се освестат од несреќата, ние ќе бидеме во долината. Падот оттаму ќе ги убие, нели?“
„Не, не реков дека падот оттаму сигурно ќе ги убие. Ќе скршат коски, ако немаш среќа може да удриш со глава…“.
„Проклет да си, како ми кажа едно, а сега велиш друго? Па, може јажињата ќе им се откачат при паѓање и пред да се најдат на дното ќе имаат доволно здив да викаат и да ги предупредат останатите да бидат внимателни!“.
„Значи мора да паднат кога веќе се мртви“, искоментира Козакот кој знаеше како функционираат работите во овој гнасен свет.
Јас бев веднаш до Грањола и можев да му го видам лицето. Отсекогаш бил блед, но сега беше уште повеќе. Стоеше таму зјапајќи нагоре, како да бараше инспирација од небото. Во тој момент, слушнавме фиукање на куршуми коишто поминуваа покрај нас, во висина на нашите глави. Еден од Германците го турна својот чувар и двајцата паднаа на земја, а Козакот почна да се жали бидејќи првиот го удрил со глава во заби, ризикувајќи сè и обидувајќи се да биде гласен. Тогаш Грањола донесе одлука и рече: „Или тие или ние. Јамбо, ако одам десно, колку чекори има до работ?“
„Десет чекори, мои десет, можеби твои осум, но доколку пуштиш нога пред тебе ќе почувствуваш како почнуваш да се навалуваш и од таму до работ е четири чекори. За да бидеш сигурен, направи три чекори“.
„В ред“, рече Грањола, вртејќи се кон Козакот. „Ќе продолжам право, двајца од вас нека ги туркаат овие гадови, држејќи ги цврсто на раменици. Сите други остануваат овде“.
„Што ќе направите“, прашав, додека забите ми штракаа.
„Ти молчи. Ова е војна. Чекај овде со нив. Тоа е наредба“.
Исчезнаа десно од карпата, проголтани од маглата. Чекавме неколку минути, слушнавме лизгање на камења и неколку тапи удари, потоа Грањола и двајцата Козаци се појавија повторно, без Германците. „Ајде да се движиме“, рече Грањола. „Сега можеме да одиме побрзо“.
Стави рака на моето рамо и можев да почувствувам како трепери. Сега, кога беше поблиску, можев повторно да го видам: носеше џемпер припиен околу вратот, а над гради му висеше торбичката за ножот, како да го извадил оттаму. „Што им направивте“, прашав плачејќи.
„Не мисли на тоа, направивме вистинско нешто. Кучињата ќе ја намирисаат крвта и ќе ги водат другите натаму. Ние сме безбедни, ајде да одиме“.

2018-08-21T17:21:16+00:00 август 3rd, 2007|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 55|