Ти и јас спиеме под стакло
и ги пуштаме караваните
да минуваат
покрај нашите смрзнати прсти
на заминатите пријатели
им праќаме телефонски импулси
да го обојат морето на разгледницата
на која пишува:
Русите се во орбитата
чајните колачиња на масата
во храната за бебиња
нашле метални струготини
и понатаму сè е исто, исто, исто…
а потоа зборуваме за месечината
и лаеме кон ТВ екранот
до доцна во ноќта
новиот ден се раѓа
млади и силни
глодачите на мамутската коска
тргнуваат во подобро утре
а ти најрадо
со пресечени вени
би се успала
во када полна топла вода
животот е полн лоши можности
го дозна тоа додека низ
замачканиот потстанарски
прозорец
ги гледаше тополите
како играат на ветрот
љубовта е привилегија на сиромашните
љубовта е дадилка на женското срце
и затоа сите најдобри песни
не зборуваат за љубовта
а ти само сакаш да знаеш
каде заминал твојот живот
и зошто си поминала десет години
со човекот кого сега го мразиш
ти и јас спиеме под стакло
и ги испраќаме возовите
во најцрната ноќ
им мавтаме со бели марамчиња
ги лепиме образите врз шините
и пуштаме
солзите одново да се заледат
се симнував во утробата на градот
кога рече
ти јуриш во старост
а јас за тоа уште не сум спремна
сакам да те одведам одовде
некаде каде што има повеќе светло
и каде што луѓето
се посреќни
но само ја превртувам плочата
пластиката крцка во собата со ролетни
elektricity
elektricity
elektricity