Жената држеше дете во рацете
пред картонската барака
на чиј ѕид беше
испишан графит
CHARLIE GONNA BE A NAPALM STAR!
помислив дека светот е
контејнер за валкана долна облека
кого големата огнена топка
засекогаш ќе го спои со тишината
а потоа притиснав на гасот
миг подоцна сè стана заборав
минатата ноќ сонував
дека ми ги украле сите џемпери
и ги запалиле
и ми беше студено
страшно студено под крошната
на стариот чинар кој ја расфрлаше својата кора
пред нозете на случајните минувачи
кога се разбудив
ме дочека порака:
ти си нервозен урбан крш
закопан во ѓубрето на поп културата
уметноста е нешто со што можеш да побегнеш
но тоа е само излет од кој
мораш да се вратиш
со испеглани лица
големите и силни пантомимичари
се смешкаа од предизборните плакати
и потсетуваа дека
животот никогаш не губи од аматери
политиката носи лажна аура на невиност
само маратонот
е победа на духот над материјата
како и секој пат кога ќе падне првиот снег
се врткав низ центарот на градот
и гледав како снегулките
го прекриваат сивилото
на социјалистичката архитектура
го кревав рацете и дланките ги вртев кон небото
да го запомнат танцот
на тие бели незаштитени принцези