од Баналии

од Баналии

како и обично се врати доцна
ништо не ми дале што би ми помогнало
слушаш ли, дејв, надвор нешто тропа
љубена ана, љубљана е како страшен кошмар
не разбирам зошто тука сè е толку погрешно

НЕ РАЗБИРАМ ЗОШТО ТУКА СÈ Е ТОЛКУ ПОГРЕШНО.
На пример се враќам во седум од целоноќна забава и ме запираат
двајца голобради полицајци со нецелосно образование.
Каубојски ми приоѓаат, ме обвинуваат за сè и сешто,
што и сам се чудам што правам во оваа земја,
па нагазувам на гасот и заминувам. Ми се јавува
поранешната жена и хистерично ме прашува
зошто со години ја шиканирам, ја демнам, ја надгледувам,
да си најдам, вели, друга, има доволно жени на светот,
накратко да престанам, да престанам, да престанам.
Типот ме моли и преколнува да го замразам,
се врти на друга страна, ме отрфла, постојано ми пушта
песни како Депресија во очите и Убав ден за умирање.
Не знам што сака да ми каже. Кога се повлекувам меѓу луѓето
нивната мешавина од седативи, амфетамини и алкохол
ме влече како вртлог некаде долу кајшто постојано
сум нервозен и не знам да се смирам. Би рекол дека живеам
во најстресниот град на светот. Се обидувам да се приберам,
но рацете ми се тресат. Се преплашувам и уште повеќе ми се тресат.
Размислувам каде повторно да побегнам, во кој град да се скријам.
Сè повеќе ми се чини дека мојот живот не е ништо друго
туку само низа од соништа за бегство.

АвторБране Мозетич
2018-08-21T17:21:36+00:00 септември 1st, 2004|Categories: Поезија, Блесок бр. 38|