За некои допирни точки во поетиките на Андриќ и Конески

/, Литература, Блесок бр. 26/За некои допирни точки во поетиките на Андриќ и Конески

За некои допирни точки во поетиките на Андриќ и Конески

Рационалноста на Андриќ и Конески

Тлото на Балканот, со оглед на својата разноликост не мора да биде расадник на човечката омраза, туку едноставно треба да биде плодно тло за духовен, творечки, индувидуален, а пред се општествен развиток. Големата стара традиција на предрасудите кон се што е туѓо треба да биде надвладеана со разумноста на алтруистичкото однесување. Според Кантовите убедувања алтруизмот функционира преку рационалноста. Секое морално дејствие повлекува логичност или кореспондира со принципите по кои се делува. Вистинското дејствие е во склад со разумот и не ги прекршува неговите принципи. Со просветеноста таа традиција бледнее, се губи и токму тоа е она што Андриќ сака да ни го покаже. Преку ликот на заменикот на францускиот конзул во Травник – Дефосе, Андриќ ја изразува тезата за добрината како функција на разборитоста и поволната душевна состојба на индивидуата. На сите работи околу себе Дефосе гледа со здрав ум и јасна мисла: „Дефосе со објективност ги анализирал сите појави околу себе и настојувал да ја најде вистинската причина и разјаснување за нивното настанување, без да се осврнува на штетата или корисноста, пријатноста или непријатноста што тој или неговиот Конзулат ги имаат моментно од нив“.19F
Своите соговорници секогаш ги гледал со почит, независно на која вера и припаѓаат или какви ставови и мислења застапуваат. Толерантноста кон туѓиот начин на мислење се должи на неговиот начин на размислување и на способноста да ја согледува и распознава вистинската опасност. Во ниеден момент тој не покажува ниту завист ниту омраза кон својот претпоставен. Очистен е од сите негативни емоции не е ниту суетен, ниту злобен, ниту пакостен. Напротив ги поседува сите квалитети кои се нужни за алтруистичко однесување и му даваат една духовна ширина и благородност.
Конески пак со својата будна опсерваторска дарба мудро ги бележи сите алтруистички појави почнувајќи од размислувањето за љубовта, за радоста, играта, човекољубието. Разборитоста го наведува добро да размисли пред да направи каков и да било потег. Чинот на длабока верба во луѓето, на алтруистичката загриженост за доброто на другите е содржан во следните стихови: „Иако сонот ми дал право / да сложам сенка на секо чело, / искрено кажи: дали сум те / навредил, еднаш, со какво дело?“20F Тој се клони од употреба на силата, иако ја поседува, за да не им згреши на другите и со тоа да ја предизвика нивната омраза.

#b
19. Андриќ, Иво, Травничка хроника, Светлост, Сарајево, 1989, стр. 414.
20. Конески, Блаже, Песни, Култура, Скопје, 1990, стр. 163.

2018-08-21T17:21:49+00:00 мај 1st, 2002|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 26|