Хуморот во литературата

/, Блесок бр. 05, Литература/Хуморот во литературата

Хуморот во литературата

Распространето е мислењето дека комичното во литературата е израз на скриената агресивност, антипатија, недоверба, револт или индиферентност. Агресивната природа на хуморот односно на комичното му е позната уште на Платон13F кој ја забележува содржаната инвентивност на писателот, но и истакнува дека целта на хуморот е преку напад, дрскост и апсурдност да се изнајде духовното решение. Оној кој употребува хумор мора да има критичен дух и голема смелост да ја изрази осудата на некоја човечка маана или општествена аномалија. Според малигната теорија за комичното, која потекнува од Платон, хуморот мора да ги содржи елементите на надмоќност и омаловажување на оној кој се исмева. Од една страна се јавува како израз на зависта и стравот од надмоќта на другиот човек, а од друга страна се јавува олеснување кога ќе се забележи туѓата инфериорност. Секој човек кога се смее, според Платон, го чини тоа на штета на другиот и не го сожалува дури и пријателот кога се наоѓа во неповолна ситуација. Поради тоа Атинската држава била принудена да донесе закон со кој на писателите им се забранува да прават лични алузии. Потсмевањето било дозволено само во посебни ситуации, за време на карневали и гозби кога учесниците се пијани и од таму потекнува изреката “in vino veritas”. Истовремено се јавува верувањето дека хуморот треба да биде умерено дозиран. „Смеата треба да се употребува штедливо како солта“14F вели Сократ кој сè околу себе гледал со блага иронија. Свесен за силата на комичното Хомер вели дека Ахил повеќе се плашел од потсмев одошто од смртта.
Кога зборуваме за хуморот се среќаваме со поимите контраст, конфликт, конфронтација, револт, кршење на нормите од страна на објектот на комичното, создавање на емотивна напнатост и нејзино растоварување, агресија, чувство на надмоќност, дистанца, незаинтересираност, мешање на задоволството и незадоволството елемент на игра и поларна спротиставеност. За Гете коренот на комичноста лежи во контрастите. Комичното не е резултат на смислена акција, туку, напротив, се јавува непредвидливо и случајно, најчесто како последица на одредени околности предизвикани со заблуда или јазични деформации. Вистинскиот хумор секогаш некого повредува, секогаш постои некој кого го исмејуваме. Тој некој е човечко суштество. Хуморот, според Сингер15F, е критика на човечкото однесување. Хуморот и духовитоста се можни начини за опишување на слабостите на луѓето, на нивното одбивање да учат, да навлегуваат подлабоко во суштината на нештата, да гледаат со свои очи.
Иако хуморот ги усвоил принципите да негира, понижува и уништува, во крајна инстанца тој е само безопасна игра. Нему му се туѓи апстрактните и агресивни негирања. Секое негирање во хуморот мора да биде бенигно, не смее да биде субјективно, каприциозно или претенциозно. Смеата го открива светот на нов начин. Комичното е ничкум свртен свет бидејќи во него сè што е страшно, станува смешно. Преку потсмевањето си играме со страшното и тоа ја губи својата загрозувачка функција.
Секој човек носи во себе два света, официјален и комичен. Официјалноста ги исклучува правилата на шегата и смеата, но сепак, човекот некогаш мора да биде и спонтан. Тоа го постигнува преку хуморот. „Бурињата со вино се расипуваат ако од време на време не се отворат и во нив не се пушта воздух“. Сите ние луѓето сме слабо затворени буриња кои ќе се распрснат од виното на мудроста ако тоа постојано врие обременето со различни стравови. Потребно е да му се додаде воздух за да не се расипе. Во културата на новото време посебно значење добива строгата сериозност. Во принцип таа сериозност е лишена од догматизам. Но, тоа не се случува секогаш. Од друга страна секоја едностраност по својата природа е проблематична бидејќи не е самокритична и дефинитивна. Затоа тука е хуморот кој на најбезболен начин ќе укаже на слабостите. Оригиналната отворена сериозност не се плаши од пародиите, иронијата или од било кој друг вид редуцирана смеа, бидејќи таа е свесна за присутноста на смеата во светот. Комичното е авантура на оригиналното, раздвижувачка сила која обновува. Уште Платон во Федра има речено: „Оној кој ја познава вистината може да прави шеги“. Вистините кои се изрекуваат со комика се прифатливи за сите. Мислите, кои инаку се недопустливи, во комиката се наметнуваат со таква облека која ќе им се допадне на мнозина и поради тоа тие сега можат непречено да се искажат. Животот за кратко време се излива од своите обични, озаконети текови и стапува во сферата на утописката слобода. Од друга страна сериозноста означува придржување до официјалните вистини и подразбира вклучување на присили, забрани, ограничувања. Во ваквата сериозност секогаш постојат елементи на страв и опасност од казнување. Смеата значи отстранување на тој страв.
Артур Кестлер во феноменот на комичното разликува два факта. Логична структура и емотивен набој. Бесмислата во комичното во прво време мора да биде добро скриена. Барем за миг треба да се добие впечаток за логичноста на настаните и тоа да делува убедливо и вистинито. Од друга страна потсмевањето е моќен критериум на вистината. Само таа може да ја издржи контролата на смеата. Затворената вистина во лавиринтот на душата хуморот ја турка кон излезот. Конструктивниот пристап комичниот феномен го одредува како некохерентност, инконгруенција, контраст, спротивност, противречност, парадокс или како повреда на некоја норма или правило. Противречноста се состои во однос на очекуваното, смисленото или разумното и неочекуваното, бесмисленото и безумното. Кога ќе бидат задоволени условите за логичност и инкогруенција се создава емотивен набој кој се состои во некоја агресивна тенденција т.е. Во лесно понижување. Комичното чувство се обезбедува само ако за објектот на комичното не постои силна психолошка заинтересираност и ако наспроти комичното чувство не делуваат силни афекти како што се сожалување, страв, одбивност.
Хуморот е божествен дар кој не се совпаѓа со логиката на линеарниот рационален или / или принцип. Хумористичен може да биде само оној писател кој ја сфаќа ирелевантноста на нештата. Нушиќ, на пример, имал смисла за хумор зошто бил скептик, а скептиците ништо не земаат за сериозно. Но постојат и луѓе кои немаат смисла за хумор. Тие се крути во однесувањето, ограничени во постапките, притиснати од строгата рационалност. Интересни се заклучоците од истражувањето на Волтер Конел16F кој дошол до сознание дека само продуктивните актуализирани луѓе покажуваат висок степен во сфаќањето на смислата на хуморот. Додека оние со патолошки состојби покажуваат резигнација кон хуморот или пак нивното внимание е свртено кон злонамерната духовитост. Со смеата се испитува човековата душата. Ако ги посматраш луѓето како се смеат, наеднаш можеш да ги запознаеш до дното. Според добрите познавачи на смеата веселоста на човекот е неговата најбележита црта која најмногу го открива. Штом човек еднаш се насмее сосем искрено, веднаш ќе се покаже целиот негов карактер како на дланка. Ако сакате да го откриете карактерот на човекот, да ја запознаете неговата душа, не го набљудувајте кога молчи или кога зборува или кога плаче или кога е возбуден од некоја страст или идеја туку подобро погледнете го како се смее. Ако добро се смее, значи е добар човек. При тоа набљудувајте ги ситните нијанси. Штом ќе забележите и најмал знак на глупост во неговата смеа, тоа без секое сомнение значи дека тој човек е умно ограничен иако изгледа разборит. Ако човекот кој се смее ви се чини смешен макар и малку знајте дека тој човек нема вистинско лично достоинство или барем не го има во полна мерка. Нај на крај, ако смеата на некој човек е заразна, но ви се чини грда, знајте дека природата на тој човек е проста и лоша и дека сета благородност кај него е свесно или несвесно позајмена и дека тој човек ќе се измени на полошо, ќе стане егоистичен и ќе се занимава само со практични нешта. Единствено само децата умеат да се смеат добро до совршенство. За него смеата е најсигурно нешто со кого се испитува душата.
Хуморот претставува хуманистичка идентификација која ја унапредува среќната реализирана индивидуа. Тој покажува социјален карактер, но ја поседува и функцијата на самопочитување. Прашањето е во тоа како да се изнајде компромис меѓу самопочитувањето и универзалните вредности. Тоа наједноставно се постигнува преку хуморот. Работата на хумористот всушност е смирување на спротивностите. Смислата на хуморот игра важна улога во надминувањето на разочарувањата и стравот. Тој помага да се изнајде перспектива за кризата за да може таа полесно да се поднесе. Меѓутоа мора да се избере внимателно вистинскиот момент за хумор. Во првите моменти, лицата кои се погодени од кризата чувствуваат силен емотивен набој за сè што е поврзано со неа. Колку што се зголемува временската дистанца, емотивниот притисок опаѓа и тогаш се зголемуваат можностите хуморот да биде добронамерно прифатен. Значењето на временската оддалеченост од кризата е илустрирано со изразот „Времето е лек за сè“. Во хуморот стравот треба да биде уништен уште од самиот почеток. Хумористичното нема за цел да влее страв, иако смеењето на земјата, според Бахтин, го испратил самиот ѓавол. Нештата тука се гледаат со други очи. Се отфрла официјалниот разум, општо прифатливите претстави и судови и на нивно место се воведува празничното лудило. Хуморот го истакнува материјалното, телесното начело на животот како што е јадењето, пиењето, празнењето и половиот живот. Настанува метаморфоза во која нештата добиваат поинакво значење. Смеата има за задача да го деградира официјалниот говор и да уништи сè што е конвенционално. Уништувачката сила на хуморот ги добива атрибутите на слобода и преобразба. Бахтин наведува дека човекот има бесконечна внатрешност и своја сложена и неисцрпна длабина. Затоа ништо што се однесува на неговата природа не е конечно определено и ограничено. Некои го гледаат хуморот како уништувачка сила, а другите како слобода и преобразување. Суштината на хуморот е да го изрази противречното, да ја долови двостраната целесообразност на животот вклучувајќи ја тука и негацијата и уништувањето.

#b
13. Види во Живот и мишљења истакнутих филозофа III,БИГЗ, Београд, 1979.
14. Цитатот е преземен од книгата на Јанковиќ, Владета: „Насмејана животиња“ Књижевна заједница Новог Сада, 1987, стр11.
15. Бергин, Ричард: Разговори с Исаком Сингером, Дечје новине, Београд, 1988, стр.46.
16. Dunn R. Joseph: Identity and Sence of Humor, An Interview with Walter E. O`Connell, Humor and Helth Journal, Nov/Dec, 1995, pp.10.

АвторЈасмина Мојсиева Гушева
2018-08-21T17:22:13+00:00 октомври 1st, 1998|Categories: Критика, Блесок бр. 05, Литература|