Хуморот во литературата

/, Блесок бр. 05, Литература/Хуморот во литературата

Хуморот во литературата

Одделни естетички категории за комичното го засноваат тој поим на обидот да се надмине некоја противречност. Така Кант7F мисли дека комичното се темели на чувството на бесмислата. Смеата е афект кој настанува кога очекуваното се преобразува во ништо. Шопенхауер смета дека комичното се должи на неочекуваната изненадувачка инконгруентност помеѓу поимот и реалниот предмет. Комичното се случува заради брзите пресврти и изневерата на нашето очекување. Тоа ја решава нашата мачна напнатост. Личноста што се смее си препишува себе си независност, слобода за решавањето, мислењето, претставувањето што всушност не ја поседува. Преку хуморот се здобиваме со нови фиктивни вредности. Тоа е место каде излегуваат на видело сите човечки противречности. Тој е одбрана од неволјите и растоварување од надворешните притисоци. Наместо тага и огорченост поради некоја неостварена цел или несреќа, хуморот ни дава задоволство.
Никогаш не треба да заборавиме дека функцијата на хуморот е да ѝ се спротивстави на глупоста и дека има хедонистичка компонента и сака да забавува. Чувството на посебно задоволство што го дава хуморот, според Липс8F,се јавува затоа што се очекува нешто важно и тешко, а се случува нешто лесно и безначајно. Така, неочекувано, брзо психичката напнатост се претвора во пријатна веселост. Во часовите на одмор шегите се неопходни за животот. Менандар, Плаут и Теренциј се подготвени на сите каприци на судбината да гледаат со храброст и смирувачки хумор. Тие советуваат да се избегнува очајувањето, кое не води кон никаде, и силно да се зграпчат кратките мигови на среќата и веселоста. Од нив потекнуваат изреките: „Не живееме како што сакаме, туку како што можеме“, „Оној кого боговите го сакаат умира млад“, или „Човек сум и ништо човечко не ми е туѓо“9F. Плаут, а не Хобс, во комедиите има речено „Човек на човека е волк“. Добрата комика предизвикува уживање кое потекнува од ослободената психичка енергија како и од посебните мисловни содржини. Комичното според Карл Грос10F е игра во која се остри интелигенцијата и претставува еден вид уживање. Тоа нè упатува да не сфаќаме ништо со длабока сериозност и е најадекватна подготовка за животот. Според Пински11F, главен извор на комичното е динамиката на животот, постојаните смени, веселата релативност на постоењето. Смеата истовремено негира и афирмира. Спиноза и Рабле хуморот го ослободуваат од афектите кои го затемнуваат осознавањето. „Постојано се трудев да не исмејувам, оплакувам, ниту да ги презирам човековите дела, туку да ги разберам“ – вели Спиноза.
Но хуморот поседува и Јанусово лице претставено во синтагмата црн хумор. Тоа е израз кој го открива комичниот несклад во некој суров сплет на околности или во карактерните особини на личностите. Преку него се неутрализира сентименталното сочувство со жртвата, и се потенцира свеста за трагичната природа и нејзината судбина. Црниот хумор го среќаваме уште во „Дијалозите“12F на Платон каде што Сократ во еден разговор вели дека не треба да се умира на ветровито време поради опасноста дека душата може да биде издувана. Аристофан често го користи црниот хумор. Хуморот на старите Римјани може да се определи како груб и прозаичен што произлегува од нивниот практичен дух ослободен од творечкиот занес. Во Шекспировата темна комедија „Млетски трговец“ комичниот несклад произлегува од суровите антиеврејски предрасуди и Шајлоковите реакции на тие предрасуди, а комедијата кулминира во ситуацијата кога според договорот би требало да се исече фунта месо од човечкото тело поради невратениот долг. Дикенсовите романи се полни со црн хумор, потоа творештвото на Свифт, Маркиз де Сад, Лотреамон сè до текстовите на француските надреалисти. Поимот на црн хумор добива значење на книжевен термин по Бретоновата експликација на овој феномен во предговорот на неговата „Антологија на црниот хумор“ составена во 1939 год. Црниот хумор е карактеристичен и за руската авангарда, составен дел е и од прозата на Даниел Хармс, Владимир Набоков, Булгаков, Шкловски. Романите „Животинска фарма“ и „1984“ на Џорџ Орвел, „Доживувањата на добриот војник Швејк“ на Јарослав Хашек низ крвав хумор ја доловуваат сликата на крупните општествени преобразби. Евидентно е дека овој тип на хумор се јавува тогаш кога човекот се наоѓа во инфериорна состојба, во животните ситуации на индивидуално или општествено уништување и деградирање. Црниот хумор, исто така е застапен во драмата на апсурдот во Женеовите „Слугинки“, и „Црнците“, Бекетовите „Среќни денови“, Јонесковата „Ќелава пеачка“, филмовите на Буњуел и Фелини. Прелистувајќи ја литературата за црниот хумор забележуваме дека хуморот ја нема веќе функцијата на потсмевање туку претендира да се претстави како интелектуална катарза. Преку него се откриваат и пречистуваат вистинските несреќи, суровите и трагични вистини за природата на човекот и неговите комуникации. Јасно е дека бесмислата на нештата и празнината која како бездна се заканува се факти кои нè тераат да му го свртиме грбот на белиот хумор. Но, дистанцирајќи се од него себе си се осудуваме на високо смислената бесмисла на негативниот црн хумор.

#b

7. Види Кант, Емануел: Критика чистог ума, Издавачка книжарница Геце Кона, Београд, 1935, стр. 478.
8. Grlić, Danko: Estetika, Naprijed, Zagreb, 1974, str. 273.
9. Јанковиќ Владета, Насмејана животиња, Књижевна заједница Новог Сада, 1987, стр. 87.
10. Grlić, Danko: Estetika, Naprijed, Zagreb, 1974, str. 231.
11. Bahtin, M. Stvaralaštvo Fransua Rablea, Nolit, Beograd, 1978, str157-158.
12. Платон: Дијалози, Култура, Београд, 1970, стр. 189.

АвторЈасмина Мојсиева Гушева
2018-08-21T17:22:13+00:00 октомври 1st, 1998|Categories: Критика, Блесок бр. 05, Литература|