Хуморот во литературата

/, Блесок бр. 05, Литература/Хуморот во литературата

Хуморот во литературата

Знаковниот систем на хумористичниот јазик и стил ја пренесува емоционалната, онтолошката и егзистенцијалната состојба на човекот или етносот во особен вид. Оттука и хуморот се разликува кај различни народи и во различни временски периоди. Тој зависи од културата, од времето во кои се остварува како и од индивидуалните карактеристики на личностите што се смеат. Сега станува јасна мислата на Февр „Иронијата е ќерка на времето“. Она што е смешно за некого, за друг е нелогичност. Субјективната реакција на објективниот чин е сложена и зависи од многу фактори. Тие можат да бидат од историско, социјално, национално и индивидуално потекло. Проблемот е во тоа што не постојат утврдени правила меѓу комичниот објект и човекот што се смее. Искуството нè учи дека нема ситуација која секогаш и за секого е смешна. Потврда за ова наоѓаме во Гетеовата мисла дека луѓето се разликуваат по она што им е смешно. За тоа како реагираат различните народи на шегата и за нивните менталитети Бергсон изјавува: „Англичаните се смеат три пати, најпрвин заради учтивост, потоа кога ќе им ја објаснат шегата и на крај кога ќе ја сфатат. Германците се смеат два пати: отпрво заради учтивост, а потоа кога ќе им се објасни шегата, зошто никако не можат да ја сфатат. Французите се смеат еднаш затоа што веднаш сè сфаќаат, додека Американците никогаш не се смеат, затоа што шегата веќе ја чуле“19F. Хуморот е огледало на една култура. Така Проп20F прави разлика меѓу хуморот на Французите кој го квалификува како симпатичен и досетлив (Анатол Франс), хуморот на Германците кој е несмасен (Хауптман), англискиот хумор кој е добродушен и подбивен (Дикенс, Бернард Шо), или рускиот хумор кој е горчлив и саркастичен (Гогољ, Шчедрин) Хуморот ја изразува општата физиономија на културата и ги покажува слабостите и силите на општеството во дадениот миг на еволуцијата. Комичното има огромно значење и може да се сведе на побуна против злото, неправдата, порочноста и деформациите во општеството.
Во заклучокот уште еднаш би се навратиле на прашањето за особините, функцијата и значењето на хуморот како категорија иманентна на книжевното дело. Комичното и историското стојат во сигнификантен однос. Суштината на хуморот сфатена како постигнување на задоволство наспроти нелагодните или катастрофалните околности е само еден нејзин аспект. Хуморот значи не може де се сфати само како одбранбен механизам за ослободување од нелагодните афекти. Сепак неговото комплексно значење не може да се редуцира на неколкуте Фројдови метафизички објаснувања. Литературниот хумор во книжевното дело се појавува како медиум во меѓучовечките односи, договори, тактики на однесување, навики и гестови кои имаат свои одредени улоги, свои комуникациски значења. Ситуациите и околностите ја чинат основата на комичното како и тенденциите да се надмине нешто непријатно, еднозначно лошо, фактички сурово. Само попатно би ги спомнале теориите во кои хуморот се заснова на контрастите, на инконгруенциите или пак е дезавуирање на примарните очекувани можности. Кога човекот ја доживува својата немоќ, не можејќи да излезе накрај со нештата излегува од нормите, редот и вообичаените начини на суштествување и се приклонува кон комичното. Излегувајќи од овие рамки со хуморот се спротивставува на бесмислата.

#b

19. Смех векова, составил Славко Крусник, Џепна књига, Сарајево, 1959, стр. 73.
20. Проп В. Проблеми комике и смеха, Нови Сад, 1984,стр.30.

АвторЈасмина Мојсиева Гушева
2018-08-21T17:22:13+00:00 октомври 1st, 1998|Categories: Критика, Блесок бр. 05, Литература|