Хуморот во литературата

/, Блесок бр. 05, Литература/Хуморот во литературата

Хуморот во литературата

Хуморот е составен дел на комуникациските односи. Кога постои хуморот комуницирањето е поинакво. Говорот е слободен, отворен и не се признаваат никакви разлики. Се бара поинаква логика. Крутоста се руши и доминираат спротивностите. Хартман смета дека животот е полн со комика, но без посредство на писателите таа не се забележува. Комичното во литературата е сродно со играта на фантазиите во бајките. Во таа игра случајностите ги поврзуваат инконгруентните нешта и ја заменуваат смислата со бесмислата. Шегите следат определени животни правила, какви што следат и суеверијата кои се засноваат на полусвесни уверувања за прикриената врска на оддалечените нешта. Но секој случај мора да биде заснован на една прикриена законитост. Секоја комична ситуација и секоја шега има невидлива причинска поврзаност и свое оправдување. Понекогаш тоа оправдување е во бесмислата, друг пат тоа е во моралната позадина која се открива, во деградацијата на вредностите, во духовното споредување, во индиректното прикажување со помош на контрасти, во некои алузии кои не треба или не може да се искажат поинаку. Хуморот својот ефект го остварува преку обликувањето на ликовите опишувајќи еднострани карактери, како на пример вообразен болен, мизантроп, мрзливец, скржавец, лесноумен и др. Во комедиите на Молиер, кои обично го носат името на главниот протагонист на дејството, е содржан и применет ваквиот пристап кон комичното. Што се однесува до карактеризацијата на ликовите во комедиите Нортроп Фрај17F во „Анатомијата на критиката“ разликува четири типови ликови: alazon или лажливец, еирон или самопотценувач, bomolochos или веселник и agroicos или несмасник. Борбата меѓу лажливецот и самопотценувачот ја сочинува основата на комичното дејство, додека веселникот и несмасникот се поларен пар кои го обликуваат комичниот настан. Во улога на лажливец најчесто се јавуваат машки ликови на строг татко, ситничар или кицош од типот на чорбаџи Теодос, Тартиф или Дон Жуан. Ликовите на самопотценувачи ги толкуваат итрите робови или слугите сплеткари како што се ликовите на Спиро од „Чорбаџи Теодос“ или Лапорела од „Дон Жуан“. Третиот тип, веселникот потекнува од грчката комедија и обично се јавува да ја развесели публиката со своите шеги и трикови. Во ренесансната комедија има многу такви епизодни ликови на професионални кловнови, пејачи, будалетинки. Несмасникот без многу зборови се појавува на сцената и едноставно прави смеата и хуморот да минат крај него. Таков е тажниот Жак од комедијата „Како што милувате“, или намуртениот Бертран од комедијата „Сè е добро што добро ќе се заврши“.
Хуморот може да произлезе од сижеите, темите и мотивите на книжевните дела. Добри примери за хумор се ситуациите кога луѓето се прикажуваат поинакви од она што се. Тие нè развеселуваат откривајќи ги своите надостатоци и слабости за кои или самите не се свесни или пак тежнеат да се маскираат и да се прикажат во своите спротивности. Комичниот ефект исчезнува кога тоа маскирање ненадејно се разоткрива. Темата на мрзеливоста станува комична ако се крие позади маската на празната зафатеност (народните приказни за „Мрзеливата снаа“), лесноумноста е комична кога личноста смета дека е многу претпазлива („Ревизор“ од Гогољ), лутината е комична кога се верува дека е длабока и оправдана (лутината на слугинката Розалија Карловна од расказот „Нерви“ на Чехов). Посебна група на комични теми се слабостите кои имаат примеса на интелектуални дефекти. Тука спаѓа глупавата итрина (приказните со Итар Пејо, „Науката против среќата“ од Марк Твен), пренесувањето на готови мислења („Душичка“ од Чехов), вечната желба на незнајкото да подучува („Човекот што го познаваше Колиџ“ од Синклер Луис или „Жаби“ од Аристофан), болното самољубие (другарката Оливера Стрезоска од „Големата вода“ на Чинго), суетата (ликот на Холанѓанецот Менер Пеперкон од „Волшебниот брег“ на Томас Ман), вообразеноста („Госпоѓа министерка“ од Нушиќ), претенциозноста („Интелигентен трупец“ од Чехов), наметливоста (Јованка од романот „Госпоѓица“ или расказот „Автобиографија“ од Андриќ) и т.н. Друга група на комичните теми се поврзува со строгото придржување до крути форми, привиден морал („Тартиф“ од Молиер или „Купатило“ од Зошченко), претерана претпазливост („Ѓорѓи Ѓорѓевиќ“ од Андриќ) лажна строгост („Административен занес“ од Зошченко), самоуверена наивност (расказот „Знакови“ од Андриќ), изиграни конвенции („Случајната смрт на еден анархист“ од Дарио Фо) итн. Исто така постои и група на теми кои се однесуваат на наивните чии дефекти се наоѓаат во незнаењето. Тука спаѓаат сите видови несмасности, од препнување до пелтечење, промашување на очигледното и целосно малерозно однесување.
Хуморот може да произлезе и од употребените јазични изразни средства. Тој бара прецизни изрази, технички детали, конкретни факти. Една од основните карактеристики на хумористичното прикажување е згуснатиот израз, играта на зборови, парадоксите, иронијата, принципот на контрирање, непретенциозноста, остроумноста, точноста на мислите итн. Духовитите досетки кои се употребуваат во контекстот на литературниот текст покажуваат тенденција кон згуснување на изразот и истакнување на нешто што на прв поглед е скриено. Душата на духовитоста е кратка. Таа форма може да го опфати и трансцендира севкупниот психолошки комплекс во сферата на дидактичката ориентација или едноставно да претставува израз на потребата за ведро расположение. Во Шекспировиот Хамлет зборлестиот Полониј вели: „Срцевината на остроумието е во краткоста“. Романот „Скакулци“ од П. М. Андреевски изобилува со афористички народни мудрости од типот „Човек со женски деца е како дрво со туѓи лисја“ или „Секогаш на едни само им работи среќата, а на други само им спие“. Комедиите на Васил Иљоски исто така се полни со фолклорни досетки кои дејствуваат комично „врзана козица, мирна годица“, „ѓавол без рогови, човек без мустаќи“, „лесно се носи лесен ум“ и др. За хумористични цели може да се користи и јазикот сам по себе, т.е. неговиот акустички систем. Специфичната ритмичка организација на реченицата кај Димитар Солев преку својата звучност и функционалност исто така буди комични чувства. („.. тоа е затоа што сите знаат дека Коле Колиштрк е кокошкар, макар што не коле кокошки“ или „Лук и вода, клин со клин. Што правеле кога немало аспирин?“). Хуморот се остварува и со примена на различни форми на професионален или социјален жаргон. Молиер со употребата на медицинскиот латински жаргон го прикрива незнаењето на приучениот лекар во комедијата „Со сила лекар“. Преку употребата на имињата на ликовите писателот сака да ги нагласи комичните особини на јунаците што ги опишува. Така кај Шекспир среќаваме ликови со имиња: “Sly” (итроман), “Simple” (простак), “Stareting” (кржлавко) и т.н. Во тој однос индикативни се имињата на ликовите од хиперболизираната сатира „Работници“ на Чинго. Такви се ликовите на Капката – чесниот човек, Ербаповски – човекот од Европа, Ашикот – несреќата, Трајче– штрајкче, Сагламот и т.н. Комичен призвук има и употребата на странски имиња. Во „Мртви души“ на Гогољ се споменува Макдоналд Карлович, а во „Женидба“ ликот на Балтазар Балтазаревич Жевакин, во романот „Петроград“ на Бјели – Аполониј Аполонович Аблеухов и Николај Аполонивич Аблеухов18F.

#b

17. Frye, Norton: Anatthomy of Criticism, Princeton University Press, 1957, str.196.
18. За употребата на имињата на ликовите кај Бјели види во статијата на Вишња Ристер, Појмовник руске авангарде, том 4, стр.51-67.

АвторЈасмина Мојсиева Гушева
2018-08-21T17:22:13+00:00 октомври 1st, 1998|Categories: Критика, Блесок бр. 05, Литература|