Реквием за девојчето

/, Блесок бр. 51/Реквием за девојчето

Реквием за девојчето

Записи на тежиштето
Морска ѕвезда
Предание на љубовта
Понудена дама
Сезам
Чиста мисла (мисла што не се мисли)
Избраните

Мислев дека сум. Ја требев својата пепел
божем одделував нијанси на страст соразмерно
со твојата сладост и горчина, девојче. Секој ден, секоја ноќ,
без помисла на помош. Се сеќаваш; а кога сакам среде ноќ
прогонет, да седнам во наточената крв, божем патот
паѓа в гроб: нешто е засекогаш изгубено. Куси се патиштата
што сомнеж не ги стига, и да се биде на нив е како да се биде на нив.
Се сеќаваш ли кога си игравме дете не поголемо од
палецот на раката, кога зариени в кал си игравме гозба
како две витки брези кои немирно треперат,
кога си игравме како две мали џуџиња, толку бежни, толку мудри,
толку луди. Занесен учев, мал и сериозен, за среќата. Моите болки беа шноли
што ги откачував од твојата облека. Велев и велам: смешни се сметките
и смешни се законите, а да не се свитка духот на телото околу нив:
Фрли ја мрената од телото свое и завиј ја во својата благост.
Игра како ничија приказна. Раѓањето како човечка душа.
Маката како ‘ртење на верата. Безумието како копнежлив камен.
Раката ти се здрви пред да ја испиеш чашата. Некој виде:
трепките се лепат, чадот ги ослепува, девојчето трепери
таму кајшто е како крилца на пеперутка на дожд.
Некој рече: уште пред да се крене завесата пред илјада и една ноќ
таа рече: Не си. Некој насети: хиената нека пламне врз моите
црни коски, лешинарите нека се насладуваат на мојата распната самотија,
ако нешто речам. Некој знаеше: сама е.
Дојди и нежна биди
со неа.

2018-08-21T17:21:21+00:00 ноември 27th, 2006|Categories: Поезија, Блесок бр. 51|