Реквием за девојчето

/, Блесок бр. 51/Реквием за девојчето

Реквием за девојчето

Записи на тежиштето
Морска ѕвезда
Предание на љубовта
Понудена дама
Сезам
Чиста мисла (мисла што не се мисли)
Избраните

Незадржлива мисла. Топка што се тркала.
Чиста и проѕирна капка. Волшебно стапче што се заканува.
Црвен и жежок пламен. Збор што не согорува. Подготвен на сè.
Присутен и туѓ. Се случува. Возвишен. Врежан во раната на светот.
Секаде и никаде. Кај себе бездомен. Во себе загледан.
Сонуван. Во доживеаното препознат. Трепери.
Нудлив и разорлив. Сака. Од светот што го нема зема.
Бревта. А сепак толку подготвен на она… Облечен
во неизбежната мрежа на неповторливоста. Напнат.
Набиен на колот на осаменоста. Крвав и сè уште топол.
Кој ѝ верува или не. Што соодветствува или не.
Скока. Верува без надеж. Болникаво, страдално, болно сака.
Иако се струполува во насладата на небиднината.

И тоа е можно да се посакува. Доаѓа и е.
Во страв да се повика незадржливо и добро.
Од теснотијата да се отвориш в ширина. На страната на сништата што болат.
Отаде границата на поцрвенетите признанија. Токму таму.
Сиот сам. Пречекан. Занесен. Тргнат во неизбрусен свет.
Придвижен во недопирливата прекумера. Неизбрусен и предаден.
Повеќе од мисла и повеќе од ден.
Несреќна замисла загледана во вечноста. Запишана без слова.
На споменот волја. Не денгуби немирната пустина.
Убавина. Отсутна. Божествена. Самотна добрина.
Во себе прикриена гризнала во лудата сила. Подготвена
и волна за сè. Мечтателна во смртта бега. Мисла
што од болка искри. Повик за помош што се гуши.
Меѓу солзите ползи. Напојува прсти.

2018-08-21T17:21:21+00:00 ноември 27th, 2006|Categories: Поезија, Блесок бр. 51|