Папараци

Папараци

Папараци
Судски процес против неверата. Среќен почеток!
Фигурки
Бела глетка

„Миланскиот трговец со крзна Џино Касамањаги
е сопственик на една непотпишана и недовршена слика
за која постојат потенцијални тврдења
дека му припаѓа на големиот австриски сликар Густав Климт“,
јавија од Ил џорно, пред новите судии
да ја положат свечената заклетва – дека ѝ се верни
на правдата и дека ќе ја судат неверноста
во секоја смисла
(не наведоа конкретно, за да не бидат сфатени претенциозно!)
Поротата, во знак на протест, одби да им свари чај,
зашто (образложија!) пареата можела да ѝ наштети
на концентрацијата,
кога раката ќе го става потписот на својата иднина,
иако струката дозволува слобода на движењето
и истражување на чувствата…

Притоа, не смееја да пијат ниту ракија,
зашто таа дејствува како мултивитамин,
што значи како допинг,
а некој може да го сфати тоа и како поткуп?!

Рефератите им ги подготвија економистки со високи функции,
специјализирани за литерарна работа во слободно време
и за часови по креативно пишување,
зашто платата и звањето им беа недоволни да се
реализираат потполно
(или уште во младоста се стремеле да ја сменат
професијата, но не успеале!)
Трагикомедија, очигледно. Според класичната поделба, нели:
трагичното за Големите
комичното за Малите

Зошто тогаш не се држите до најновата француска мода
при облекувањето
кога доаѓате на работното место?, се запраша
главниот лик како херој на заборавената долна класа.

И, пак, преовлада прозаичното, на крај, се изнасмеа
Неrовото Височество
над својот поетски првенец.
Среќен почеток!

2018-08-21T17:21:33+00:00 март 1st, 2005|Categories: Поезија, Блесок бр. 41|