Папараци

Папараци

Папараци
Судски процес против неверата. Среќен почеток!
Фигурки
Бела глетка

Ми се тркалаат фразеологизмите секој ден
како КИА моторс во Слова-КИА,
забрзано со корејско темпо (северно или јужно?!)
кое знае и да се смени, да премине од Актив во Пасив,
иако притоа нема допирна врска
со глаголските форми во Мистриковата граматика,
туку работи по инерција, нелингвистички,
се движи по интуиција
и запира во пералница,
во чистилиште

После тоа, доаѓа склопувањето коцки –
фамилијарно пакување понудено со попуст
во супермаркетот со хипер-предзнак,
чешки производ приспособен и на странски услови
и подвижен за соседски методи,
за транспорт, за потрошувачка,
погоден за подарок при самити,
важечки неограничен,
без рок на траење,
вакуумиран

Мора да појдеме утре на куглање, драга!,
да си ја пробаме среќата
во рушењето на фигурките,
може ќе најдеме уште една потврда за тоа
дека „црвените“ 60-ти се олицетворени
во „златните“ литерарни 80-ти, а сето друго,
сè до денес,
останува на конкретистите.

До кога личното искуство (телото во духот!) ќе ми ги пегла кошулите
и облеката за прошетка по меридијаните?

2018-08-21T17:21:33+00:00 март 1st, 2005|Categories: Поезија, Блесок бр. 41|