Автопортрет на изгрејсонце

/, Блесок бр. 31/Автопортрет на изгрејсонце

Автопортрет на изгрејсонце

Ангели
Автопортрет на изгрејсонце
Каде си кога ми требаш, Џек Керуак
Ќилибар

Жената крај барската маса спроти мене
го трие пурпурното желе од лицето на синот.
Црвенило му се појавува и му ја покрива кожата.
Моне видел мугра во безвремието кога ја сликал
„Импресија: Изгрејсонце“, цедејќи ја и брцнувајќи ја четката
во утринската магла, одредувајќи го движењето на светлината
меѓу сонцето и еден кајак допирајќи ја тишината
на супстанцата во срцевината на обликот. А јас?
Јас не знам да сликам, ни утрово ни кога било. Сè уште,
кога на момчето му потекуваат солзи, дните ми се прекршуваат во агол
со мојот мозок, летаат над ладалото, над калдрмисаниот плоштад
и се појавуваат во поцрнетите лавиринти на Сиена, Италија,
секој ден опкружен со портокалови минути што се кршат во сини часови.
Го минувам животот позајмувајќи си време од мртовците.
„Пикарски херој“, мојата пријателка Лесли вели,
„кој живее небаре дишењето му е нерешена мистерија.“
Има право. На ова место моето себство станува недовршено
и остава мит како бакшиш од сто лири за подбивот на келнерот.
Момченцето липа со главчето врз рамото на мама,
и таа липа потсетувајќи ме дека нештата во кои сум бил сигурен
– како на пр. риба зготвена во млеко – се отров,
Дина, на пр., не се стеснуваше да ми ја голтне гумата за џвакање
кога првпат се бакнувавме,
љубовта цврчи како забна протеза во ладна вода,
истрелот го уби Бога, не Ниче,
толку блиски и толку туѓи помисли
како делчињата куршум во мојата лева нога –
пушти го митот да се исплаче. Тој ми е утеха,
повисок е од мене, поубав, јазикот му е похрабар. Пред една година
тој го спаси Боби Волф да не нагази на минско поле, тргајќи ја
цевката на пушката од челото на Рик пред да го повлече
сопственото чкрапало и никогаш не пресече
виетнамски врат за одбивање „чу хои“ во џунглата.
Митот имаше незаситен апетит и никогаш
не се чувствуваше сам во соба полна народ,
пишуваше песни кои никогаш не го поставуваа прашањето
зошто човекот умира и зошто оној зад него
поминува низ истата експлозија од смртоносна граната
секој ден, цели 10150 дена,
познат е по љубовната врска со самица
и расеан од пропаднати бракови. Проповеда
шетајќи се во дивината босоног и мрзлив но жив
во потрага по мистични камења. Ангел е
што им ја пренесува пораката на глувите генерации,
змеј што исфрла оган од празни вински бочви
во мојата уста, љубовник што танцува гол
во дивата тосканска ноќ и полека свршува
со поглед свртен кон момчето и мајка му
а желето од грозје се меша со нивните солзи.

АвторЏим МекГара
2018-08-21T17:21:43+00:00 март 1st, 2003|Categories: Поезија, Блесок бр. 31|