Автопортрет на изгрејсонце

/, Блесок бр. 31/Автопортрет на изгрејсонце

Автопортрет на изгрејсонце

Ангели
Автопортрет на изгрејсонце
Каде си кога ми требаш, Џек Керуак
Ќилибар

Над мене ѕвездите треперат
како кварцни снегулки во пештера
осветлена со свеќи
и згаснуваат.
Умот молчи кога сонува,
сè дури голта четири недозирани
мескалински цигари
потем вреска во бои
додека
го брише автопатот
како сина змија ја отфрла старата кожа
и почнува одново.
Налево, надесно, право
во лавиринтот од текила
и куќи од непечени тули,
ме искривуваат мексиканските бензински пумпи,
мензите, и планините што се извишуваат
покрај мене во розово-портокалов обоен
смог на мугра. Колку повеќе го знам
јазикот, толку помалку го познавам животот
и го губам. Асфалтот се претвора
во бисерна плажа, во низа од џет-сет продавници,
крчми, КФЦ и напуштени „тако“
сендвичарници. Акапулко, Мексико пее
кафена колтрејнска песна за бетонот и песокта
намерна дисхармонија, јаснотија
збрката. Бродот за крстарење ја пушта сирената
и колата цела ноќ си свирка deguelo
на целоноќниот mariachi бенд и создава панаѓури
од исончани тела што ме повикуваат кон Росерија.
Нејзиниот јазик ми се разлева врз умот
како топло камасутра масло и забрзувањето
на сончевите зраци ме заробува во сенката.

That old black magic has me in its spell
That old black magic that you weave so well

J’ai L’ai рекети и постери со борби со бикови,
Федералците се толку млади и вечно насмеани,
грејфрут, банани, манго и грозје
мирис на чили во прав се излева
во влажни воздушни акорди со café con leche
и кравја лепешка, сè е реално
дури и ништото што виси
на туристичката табла пред ресторанчето „Роден во песок“
кајшто ја паркирам колата.
Сите овие милји и години ги извозив
за една единствена нејзина порака залепена врз стерилна тапа:
„Мајкл, јави се дома“.
„Сама Бела Жена бара превоз до Баја – има забава”.
„Пронајден е изгубен паричник – празен“.
„Се продава мопед – незначително искривен рам“.

I can’t dance don’t ask me

Што е она што го прави бакнежот последен тој ден
а утредента имаш впечаток
како да си го заборавил шпоретот
и ти изгорел ручекот?

Росерија еднаш ми рече дека само Џек Керуак
ја знае тајната на животот и јас ја прашав
„Но зошто? Гало Порт вино во чаша со очај?“
Таа рече: „Сите човечки битија се вистински ајкули“
и се качи во автобусот свртена со грб,
а плетенките ѝ се нишаа,
црн метроном на ветувањето што крцка
сите овие години на сеќавање и ме враќа
на мексиканската плажа кајшто ја видов за првпат.
Сега мора да е веќе дебела
со четири дечиња околу неа
и повремена модринка од маж ѝ
како доказ на љубовта. Морам да сум луд
што сè уште ја барам божицата
толку човечка и осамена на училишниот распуст.
Морам да сум онаа ајкула на Џек
која јаде сè околу себе
и без престан плива ли плива,
само за да остане жива.

АвторЏим МекГара
2018-08-21T17:21:43+00:00 март 1st, 2003|Categories: Поезија, Блесок бр. 31|