Куќата на палмите

/, Литература, Блесок бр. 50/Куќата на палмите

Куќата на палмите

„Не разбирам.“
„Во овој град постепено станав како луѓето овде. Но не можам да му верувам на времето и секогаш сум обземен од мислата дека мојата положба од еден миг во друг ќе се промени во нешто кое за мене е непознато. Чекам нешто кое ми е непознато и тоа ме плаши. Сега живеам според времето на луѓето во овој град, а тоа е опасно време. Знаете, јас доаѓам од едно место каде времето се тера пред себе, како козите. Ќе речеш ‘застани!’ и тоа ќе застане, ‘продолжи понатаму!’ и тоа ќе продолжи. Таму луѓето го тераат времето пред себе и кај првото дрво легнуваат да се одморат и да спијат врз времето, без часовник и без пресметнување на времето. Кога ќе се разбудат, повторно го бркаат времето пред себе сè додека не стасаат до куќите за да можат таму повторно да спијат. Овде е обратно. Времето е зад луѓето, како некое грабливо животно, оди по секого, го раскинува оној кој е премногу спор, го јаде оној кој е слаб, кружи околу луѓето како граблива птица. Овде човек мора да трча и да трча пред времето, сè додека не падне. Живеев според времето на луѓето таму, сега живеам според времето на луѓето овде, без да имам избор, без да знам што е подобро. А уморен сум и од едното и од другото.“
„Ова звучи интересно.“
„Само се шегувам. Ова се само фантазии.“
Нејзиниот глас е волшебен како и нејзините чекори, лесни и јасни, со убав звук. Мојата љубопитност расте. Прекинувам со таа тема, инаку би можела да си помисли дека сум чукнат.
„Сакате ли чај?“
„Благодарам, сега морам да одам.“
„Имам еден многу убав напиток, каркаде3F од Судан. Секако ќе Ви годи.“
„Не би сакала да Ве мачам.“
Одговорот ми се допаѓа. Се чини дека нејзината љубопитност не е помала од мојата.
„Нема да трае долго.“
„Во ред. Радо ќе го пробам.“
На брзина подготвувам шолја каркаде за неа. По првата голтка малку се менува нејзиниот израз на лицето. Во огледалото наспроти неа можам да ја видам нејзината зачуденост додека детално ја разгледува шолјата. Секогаш брзам кога ги нудам пијалаците и јадењата кои јас ги сакам и си замислувам дека и другите имаат вкус како мојот! Потоа си велам, човек треба да понуди нешто, тоа сепак се смета за љубезно пречекување. Се чини дека со секоја голтка чајот сè повеќе и се допаѓа, но не сум сигурен. Ѕвонењето на нејзините бразлетни буди во мене детска радост, а јас не можам да си објаснам од каде доаѓа тоа. Сега Хакиема мирно седи во нејзиниот скут и изгледа како да сака со тоа да ја задржи нашата гостинка. Младата жена го прекинува кусиот молк: „Јас се викам Сандра. Како се викате Вие?“
„Хамза.“
„Хамса?“
„Не, Хамза.“
„Камза?“
„Хамза. Ха,ха, Хамза.“
Таа се смее и се обидува правилно да го изговори моето име. Убаво изгледа кога се смее. Можам да ѝ ги видам рамните, сјајно бели заби зад розовите усни. Има боја на кожата како пченично класје во доцно лето. Бојата на очите не можам да ја определам. Насмевката на нејзините усни ме потсетува на насмевката на староегипетските претставувања на кралицата Хачепсут. И во очите има нешто од тоа заборавено старо волшепство. Молкум и согласувајќи се со мене Хакиема ме подржува во желбата таа да остане. Насмевнувајќи се Сандра со поглед поминува по ѕидовите.
„Зошто се смеете?“
„На сите тапети гледам слики на палми, ги има дури и на таванот. Само подот сте го заборавиле.“
Се смее со доза на привлечност и веднаш се извинува за шегата. Мене ми се допаѓа нејзината забелешка и ѝ се придружувам смеејќи се.
„Дали толку многу сакате палми?“
„Кога се вселив овде, станот беше празен, малтерот паѓаше од ѕидовите, имаше тапети кои ме иритираа. Доволен беше само еден поглед и веќе имав кивавица или настинка: тоа беа планини покриени со снег. Дури и небото над нив беше речиси бело. Имав чувство дека температурата во станот е како во фрижидер. Тоа студенило не се издржуваше. На една прошетка низ пазарот за стари работи ги најдов овие тапети. Не беа скапи и од човекот кој ги продаваше ги купив сите. Со нив го покрив студенилото кое со години стоеше тука залепено. Оттогаш ми е малку потопло. Ми создава чувство дека се наоѓам малку поблизу до сонцето. Најверојатно си замислувам нешто, но со време можеби и ќе поверувам во тоа.“
Додека ја гали Хакиема по грбот, која а мирољубиво ја ставила главата на нејзиниот зглоб, ме прашува: „Сте биле ли некогаш во куќата на палмите?“
„Не. Кaде е тоа? Да не е некој музеј?“
„Куќата на палмите е парк во Шенбрун. Тоа е стаклена градина за тропски растенија кои не поднесуваат студ и мраз. Можеби таму ќе ви се допадне.“
„Дали е тоа нешто од поново време?“
„Не. Куќата на палмите е направена во 1880 година по наредба на цар Франц Јозеф. Се состои од три павилјони и во секој од нив има различна температура. Во еден има растенија од Медитеранот, во друг има тропски, а во третиот суптропски растенија.“
„Необично.“
„Зошто?“
„Како може да не знам за тоа место? Ако не друго, таму барем би можел да си ги посетам роднините.“

Превод од германски: Слободанка Поповска

#b
3. Karkade – чај од слезов лист, омилен напиток во Судан и Египет

АвторТарек Елтаеб
2018-08-21T17:21:22+00:00 октомври 7th, 2006|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 50|