Куќата на палмите

/, Литература, Блесок бр. 50/Куќата на палмите

Куќата на палмите

– извадок од романот –

1

[…]

Следниот ден повторно отидов во калвата1F. По часовите, Шеик Ел-Факи ни нареди да пиеме вода од кофата, од светата вода за да се ослободиме од божјите сури. Јас бев единствениот кој одби да го стори тоа. Тој повторно ме тепаше по главата и телото со својот стап. Изгледаше како да се плаши дека моето противење може да предизвика бунт кај другите деца. Тие стоеја неколку мига неподвижно, а потоа почнаа да пијат, додека тој со сета сила ме тепаше. И покрај тоа, не се напив од светата вода.
И Шеик Ел-Факи за ова одново го извести татко ми за време на својата вечерна обиколка на селото, при што водеше сметка татковците да ги казнат своите деца пред овие да заспијат Татко ми скокна и на нему својствениот театрален начин почна да ме кара: „Ти никаквецу, тапоглавецу! Не си се напил од светата вода? Ах господи, тој е син на ѓаволот!“
Тогаш се слушна гласот на мајка ми кој доаѓаше од куќата: „Божјите зборови не се во кофата, Шеик Ел-Факи. Божјите зборови се во книгите и во главите. Треба да останат во главата, а не во стомакот.“ Татко ми одговори тивко согласувајќи се со Шеикот: „Женски брборења. Ним им недостасува разум и религија.“
Се радував на поддршката на мајка ми. Оттогаш тој секогаш им наредуваше на другите деца да пијат откако мене ќе ме задолжеше за нешто и ќе ме испратеше некаде или кога ми беше свртен со грб. Само Илиас Вад Фарах побрза да му каже на нашиот „господар“ дека Хамза не се напил од светата вода. Шеик Ел-Факи ме проколнуваше: „Господ да го казни Хамза и неговиот ѓавол, господ да го казни овој глупав левучар кој на голема врата ќе влезе во пеколот!“
Тогаш го истепа Илиас со својот стап. Кутриот, оттогаш никогаш повеќе не ме предаде. И покрај тоа, јас го заштитував Илиас од тупаниците на мојот најдобар другар Утмаан Дараб Сидру кој го дебнеше навечер за да му се одмазди поради мене, а и затоа што Илиас секогаш беше на страната на нашиот „господар“ и нас нè кодошеше иако беше слаб по учење наизуст и пишување.
Утмаан Дараб Сидру беше така именуван поради својата храброст. Неговата мајка раскажуваше дека кога ќе се налутел, силно се удирал по градите како горило. Кога порасна го правеше истото кога сакаше да се бори со некого. Сите ние се плашевме од него, но тој ми стана другар. Честопати гледав како татко му жестоко го тепа, како да му е непријател. На овој човек и неговата кутра жена која кога беше млада беше најкрупната и најјаката жена во селото, секоја година им се раѓаше по едно дете. Додека таа беше целосно исцрпена од многу раѓање, тој секогаш покажуваше, горд како паун, на своите осум деца. Низ улиците одеше секогаш блескаво чисто облечен, со грижливо завиткан турбан и некој кој не го познаваше никогаш не би помислил дека тој живее во трошна куќа. Јас долго време тагував поради тоа што Утмаан веќе не доаѓаше во калвата и не играше со нас. Многу ослабна и нешто не беше во ред со неговите бубрези и бабулето. Кога уринираше имаше болки, а во урината крв. Кутриот, без да се брани мораше да поднесува разни третмани кои му ги правеа, со коприва, мачкања со свето масло или бескрајни молитви. Лекар немаше.
Утмаан умре кога имаше осум или девет години, откако испи света вода од цела дузина кофи. Беше убаво момче, во ликот како татко му, по става како мајка му. Татко му често го тепаше без причина и со тоа му ја наруши убавината. Со време лицето на Утмаан го изгуби својот сјај, останаа само раните, трагите од удари и белезите.
Си спомнувам на сето ова додека ја гледам Хакиема како ја користи левата шепа за да го дофати лепчето и да си игра со него.
Во мојата глава еден преку друг се вртат овие настани, ужасни приказни и наследени традиции кои ми ги врежаа како некое петно, моето левучарство го претворија во изопаченост, а мојата лева рака во ѓаволска.

#b
1. Khalwa (ар.) – одделна просторија, колиба, шатор. Во Судан тоа претставува училиште кадешто се учи Куранот и кое го посетуваат деца кои навршиле три години. Најчесто се работи за едноставна барака или е на отворено, под настрешница.

АвторТарек Елтаеб
2018-08-21T17:21:22+00:00 октомври 7th, 2006|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 50|