Куќата на палмите

/, Литература, Блесок бр. 50/Куќата на палмите

Куќата на палмите

2
Кога дојдов на петтиот кат, до последните скалила на вртливите тесни скали, тешката книжна кеса се скина. Од страв дека би можело да се случи токму тоа кое сега се случи, јас ја држев со двете раце. За сето време додека одев, росеше по малку, а јас не сакав да го отворам чадорот. Освен тоа беше многу попрактично тешката кеса да ја носам во едната, а пото во другата рака. Јас бев веќе мокар, а преполнетата кеса сè повеќе омекнуваше, затоа продолжив да ја носам со двете раце.
А сега дното се искина! Кусо трас! проследено со тркалање. Лебот се тркала по скалите надолу, јајцата паѓаат врз шеќерот и чајот. Пластичниот сад од јогуртот пукна и неговата содржина се истури врз зеленчукот и овошјето. За малку ќе се искршеше шишето со масло. Со левата нога успевам да го досегнам. Со сета тежина ми паѓа врз неа. Ме боли, но барем тоа остана цело. Затоа пак шишето со оцет се распрснува во илјада парчиња, а мирис на кисело се шири на секаде.
Изгледам смешно, стојам тука и сè уште со двете раце ја држам кесата која сега е лесна како перце. Прегрнувам размекнати парчиња од хартија! Додека зјапам во растурените работи на земја, бесно го проколнувам дождот, вртливите скали и кесата за намирници. Почнувам да собирам, едно по едно ги собирам и ги носам на горното одмориште. Со лесен чекор, качувајќи се по две скали одеднаш, таа ми се приближува со насмевка. Во раката држи една конзерва која мора да се истркалала до долу. Во неа има храна за мачки. Таа брза да ми помогне во собирањето на остатоците. Кога ненамерно ја допирам нејзината топла рака, сребрените бразлетни на раката удираат една во друга. Сосема ненадејно ме обзема чувство на блискост. Тропкањето на бразлетните буди во мене магливо сеќавање на едно место. И велам: „Благодарам, многу Ви благодарам.“
„Молам. Имате мачка?“
„Да.“
„Како се вика?“
„Хакиема.“
„Хакиема? Убаво звучи, но што значи?“
„Значи ‘мудрица’.“2F
„Дали е бела?
„Не, Не е бела, таа е мудра.“
„Колку е стара?“
„Мислам, околу пет години.“
„Дали е од домот за животни?“
„Не.“
По кусо колебање велам: „Тоа е долга приказна.“
Земам в раце колку што можам да носам и се приближувам до вратата на мојот стан. Жената ме следи носејќи неколку од моите работи. Најверојатно е љубопитна поради мачката. Кога ја отворам вратата, Хакиема ме пречекува вообичаено, со долго, развлечено мјаукање кое јас секогаш го толкувам како поздрав, а другите го сметаат за поплака. Таа – името сè уште не ѝ го знам – клекнува и ја гали Хакиема по грбот која веднаш почнува да преде. Глетката е прекрасна, посакувам да сум скулптор или сликар за да можам овој момент да го сочувам за секогаш. Иако косата ѝ е грижливо исчешлана, лесно ѝ паѓа околу убавото лице.
Хакиема знае како се пречекуваат гости. Се умилкува околу нозете на нашата гостинка и гласно мјаука додека нашата посетителка паѓа во занес. Ја оставам да игра со мачката и земам една празна пластична кеса за да ги дособерам останатите работи на скалите. Потоа уште еднаш излегувам во ходникот со метла и лопатка и ги собирам стаклата од скршеното шише од оцет. Таа сè уште клечи тука, на еден чекор од отворената врата од станот. Сега седнува на подот, потоа се исправа, клекнува, се наведнува, повторно се исправа, се врти на една нога, а потоа на двете. Се движи грациозно, како балерина. Хакиема ја заобиколува еднаш одлево, еднаш оддесно.
Ја поканувам младата жена да влезе, таа срамежливо ја прифаќа поканата. Очите ѝ се широко отворени како на зачудено дете. Со поглед поминува низ собата. Ја прашувам учтиво користејќи ја формата која ја научив во оваа земја. „Овде живеете?“
„Не. Овде живее брат ми со неговата жена. Јас доаѓам кај неа за да го почувам бебето.“
„Мислам дека овде Ве гледам за првпат“.
„Веќе две години редовно доаѓам секој петок. А Вие одамна ли живеете во куќава?“
„Да, веќе четири години, два месеци и пет дена.“
„Штом толку точно знаете, секако сте несреќен овде?“
„Не, Не може така да се каже. Тоа е само страв од времето.“
„Страв од времето?“
„Да. Страв од лажно време. Сум доживеал многу времиња, секое траеше по неколку месеци. И по секоја фаза мојот живот, без предупредување, целосно се менуваше.“
#b
2. Игра на зборови – германските зборови weiss = бел и weise =мудар се слични по изговор (заб. на прев.)

АвторТарек Елтаеб
2018-08-21T17:21:22+00:00 октомври 7th, 2006|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 50|