Кога светот беше Дом – космополитизмот како модернистички етос

/, Литература, Блесок бр. 137/Кога светот беше Дом – космополитизмот како модернистички етос

Кога светот беше Дом – космополитизмот како модернистички етос

„Во суштина неподвижноста ѝ припаѓа на смртта како што одењето му припаѓа на животот. Родени сме… затоа што сме ставени на патот од нашата матрица за да бидеме патници. Го почитувам овој миграциски примордијален синдром… Историјата се случува и се раскажува секогаш кога некој мигрира и ја раскажува сопствената авантура. Од миграцискиот настан, всушност, сме оспособени да раскажуваме и да измислуваме, да објаснуваме и да пренесеме некој расказ, токму затоа што се случила авантура. Авантурата треба да стане расказ“ (Армандо Њиши: Креолизација на Европа, 2013: с163-165).

Ете, токму таа и таква Авантура (во случајот на Ѓузел – престојот и патувањето низ Америка и Ирска) на крајот навистина стана или прерасна во „расказ“, поточно во раскошен патопис, распослан на 360 – инструктивни, поучни, забавни, наместа смешни и вешто раскажани – страници текст. Текст, директно произлезен и „испорачан“ од страна на неговото, секојпат непредвидливо Величество – Животот.

Оти, како што велеше и прогонетиот во степите на Казахстан, непоправлив утопист и „дијалогист“ Михаил Бахтин, самиот живот веќе е текст! Како што, впрочем, и самиот човек е текст, со сето свое поведение и искуство… Седентарно или движечки ориентирано!

И на крајот од сѐ што забележавме досега, слободно може да констатираме дека  прегнантно искажаната и впечатлива кованица „куќа – цел свет“, по патот што го измина во претходниве 75 години, прерасна во еден препознатлив, неодминлив и репрезентативен литературен Космополис, докажувајќи ја космополитската насоченост на нашите двајца писатели и нивната подготвеност да се фатат рака под рака (а ова особено се однесува на „номадот“ и патник Богомил Ѓузел) со искушенијата и предизвиците на своето бурно совремие, токму како граѓани на светот (а не само проколнати жители на некоја локална, зафрлена, полуевропска провинција).

Покрај сето тоа, паѓа во очи уште еден интересен, а можеби и не толку случаен, биографски момент на совпаѓање, поврзан со годината на првичното појавување на оваа кованица кај Рацин! Имено, истата таа (за македонската современа поезија и литература – историска) 1939 г. воедно е годината кога се раѓа и поетот Ѓузел – што, на крајот од краиштата (а и на овој текст), води кон недвосмислениот заклучок дека Богомил Ѓузел и „куќата – цел свет“ се (хронолошки гледано) врсници!

 

Забелешка

Овој текст е соопштен на 26 септември 2014 година во Софија, во рамките на Втората македонско-бугарска конференција, под наслов „Модернизмот како европска вредност во македонската и бугарската литература во 20 век, сличности и разлики“.

АвторЕлизабета Шелева
2021-06-02T19:52:24+00:00 мај 31st, 2021|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 137|