Кога светот беше Дом – космополитизмот како модернистички етос

/, Литература, Блесок бр. 137/Кога светот беше Дом – космополитизмот како модернистички етос

Кога светот беше Дом – космополитизмот како модернистички етос

Наоѓајќи се во непосреден допир со природата, искусувајќи ја нејзината клима, како и непрегледната амбиентална слика на Америка, писателот интуитивно се обраќа на мошне интересните претпоставки за заемната обусловеност меѓу самата „елементарност“ на американската природа и антрополошката „природа“ и менталитетот на американските луѓе.

Познато е дека во колективната имагологија, како и во редица уметнички дела,  Америка се третира како ветена земја, митско место за остварување на соништата, та дури и земен рај. Токму спојот на таквите митски претстави за Америка кај Ѓузел ја провоцира спротивната – иронична и критички наострена – перцепција на некои, не толку позитивни и прифатливи и во површната слика за Америка, прилично потиснати елементи на менталитетот и животниот стил што таму преовладуваат. На страница 244, Ѓузел пишува:

„Всушност, надворешните елементи на природата само те правеа свесен за елементарноста во човечката природа на Американецот – или, за нејзиното отсуство.

Веројатно, делче од таа суровост на надворешните елементи му се имаше вгнездено во душата на секој Американец уште од времето на првите доселеници и пионери. Тоа внатрешно диво месо, пренесено од постојаната борба со надворешната дивина, не беше се истопило дури ни од моќта на американската цивилизација… Но, современиот Американец не беше ни оддалеку изложен на елементите како Јов. Попрвин, тој… од  дивината, населена или не, создаде каков-таков комфор, кој му ги обезбедуваше барем приближно условите во еден земен рај, макар и вештачки. Навистина, него го проголтаа не елементите туку  создадениот конформизам“.

Додека е на престој во Америка, Ѓузел сака не само да ја пропатува оваа голема и разнолика земја, туку сака и да ги осети на своја кожа нејзините невралгични места и точки, низ кои се прекршуваат типичните одлики на американскиот менталитет. Едно од тие, според авторот, незаобиколни места е и Sin City, градот на пороците, како што нагалено и колоквијално го нарекуваат коцкарскиот рај Лас Вегас, каде што тој ритуално ќе изигра неколку хазардни „зафати“. Така, на страница 185, во духот на нему својствените критички размисли за апокалиптичната природа и закана на материјализмот за современата цивилизација, Ѓузел ја апострофира деструктивната моќ на парите, притоа лежерно користејќи го на сите нам познатиот интертекст од драмата на Р. Крле за „парите (како) отепувачка“:

„Ете што ти е парата, си реков кога одвај се извлеков од собата. Не само себеотепувачка, туку и на другите, а можеби и на животот. Само парата ќе го финансира крајот на светот, тој најголем проект на ова човештво што се коцка самото со себе. Господ да ме сочува вечерва од неа, од парата, помислив кога слегов долу и се нурнав во огромната коцкарска сала.“

На страница 260, Ѓузел ни соопштува уште поконкретна, цинично обоена, но исто така и радикално изразена критика на современиот животен стил, кој можеби навистина отпочна (или најсилно се очитуваше) во Америка, но денес стана императивен за жителите на сите земји, вклучувајќи ја и нашата. Тој стил е диктиран од потрошувачкиот менталитет, консумеризмот, што го подгрева капитализмот и неговата неутолива глад за профит, обрт, трговија! Извадокот финишира со парафраза на прочуениот војнички поздрав, во античко време упатуван до Цезар од страна на неговите, „на смрт“ верни војници!

„Словенската идеја за Земниот Рај во Америка беше пензионерска – ринтај цел век што и да е за некоја година до инфарктот и излежување на плажите од Флорида и изложување на сите крваво заработени реквизити, но веќе плебејски. Татковините беа далечни, недостижни или забранети да се појде на умирачка таму, на родната грутка. Од тропската плажа со полно сонце и песок, директно се влегуваше во ладната земја или во пеколот од крематориумот. Аве Флорида, моритури те салутант!“

Критички и со евидентна доза на духовитост, осврнувајќи се кон постојната апологија на ветената земја и можноста во неа да се оствари „американскиот сон“ , односно личниот и семеен просперитет – Ѓузел го допира за нас мошне поучното прашање, врзано со самиот карактер на Америка како земја на доселеници! Земја во која прашањата (секако, и проблемите) поврзани со коренот и дијаспората отсекогаш имале и имаат витално значење. Тука, на страница 314, користејќи го јазикот на ботаничката метафорика, Ѓузел искажува мошне занимливи, споредбени согледби во врска со карактерот на нашата, македонската и другите, далеку попознати (воедно и поуспешни) дијаспори, како еврејската и италијанската.  Овие согледби се мошне актуелни и денес, кога прашањата за културниот идентитет и профилот на нашата дијаспора, за жал, сѐ уште ги немаат достигнато луцидноста и длабочината на Ѓузеловите увиди.

„Си помислив, коренот станува видлив само кога е веќе искорнат и после неговите жилки ако можат да се префатат во нова почва, сепак не можат да живеат од воздух за да го преместат тој огромен простор што ја дели првобитната почва од новата – тие не беа радарски антени, ниту телепатски пипалки. Нашата економска миграција… принудното скитништво тие не го претворија во доброволна трговија и размена меѓу почвата стара и нова, меѓу душата стара и духот нов, меѓу традиција и цивилизација. Како што тоа го беа сториле Евреите и Грците… Семето на нашата дијаспора, ако воопшто фаќаше нов корен, растеше како туѓа фиданка, одомаќена на новите услови и брзаше да ја заборави својата семка, зашто сеќавањето носеше само неподносливо страдање и ѝ го спречуваше растежот.“

АвторЕлизабета Шелева
2021-06-02T19:52:24+00:00 мај 31st, 2021|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 137|