Романот како философија на сеќавањето

/, Литература, Блесок бр. 58/Романот како философија на сеќавањето

Романот како философија на сеќавањето

„Меморијата е поврзана со желбата. Архивата треба да се гледа како смислено место за создавање попрво на антиципирани сеќавања, отколку на официјални податоци за историјата“.
Интересно е, меѓутоа, што во романот на Барџиева, нараторката Дина Аспрова, која самата одбира да живее во егзил на запад, токму преку миризмата ќе ја доживее (и посака) реституцијата на домовноста. Токму миризмата на дуњи, од семејната куќа, како и на липите од родниот град – во неа ќе профункционира како моќен патриотски вокатив.
„Миризми, миризми, во мојот ум, во моето срце, во мојот нос. Како да сум некое животинче, јас секогаш по минатото трагам со носот. Сè е собрано во миризмата. Треба само да се дојде на местото, каде што ќе ја најдам вистинската миризма на ситуацијата или личноста. Така ќе го најдам и местото, каде што беше егејската барака… Земјата мириса на исчезнат живот. Плодови во зима. Миризма на дуњи. Како помен и молитва за спокој на душата на баба Ангелина.“
Таа реституција на домовноста, која настапува преку и благодарение токму на миризмите (оние од детството, во бараката на баба Ангелина, која во зима оддишува на дуњи), сепак, не се темели исклучиво на влогот на Пруст, туку автентично произлегува од богатата мирисна натопеност на ова топло, за интензивно сетилно восприемање на мирисите особено податливо, поднебје.
Миризмата функционира како авто-цитат: во оној момент кога ќе се цитира себеси, миризмата прераснува во повеќекратно активен, мемориски чип.
Миризмата е доминантниот наратив во сеќавањето на Дина, доминантен наративен souvenir, што останал сочуван во најдлабоките личносни записи, за, на крајот, суштествено да влијае врз определбата на нејзината (роднокрајна) припадност.
Од друга страна, стои примерот на „Парфем“, исто така дебитантски роман, кој постигна светска слава: главниот лик, Жан Батист Гренуј, со посредство на канибалски произведениот Парфем, кој е негов личен изум – сака да спроведе музеализација на женската телесност!
„Не е исто како во сеќавањата, каде сите мириси остануваат. Вистинскиот мирис мора да се потроши. Тој е непостојан – а, кога ќе се потроши, ќе останам гол, како и пред тоа. Не, ќе биде полошо. Затоа што, во меѓувреме, ќе го запознаам и ќе го поседувам мојот сопствен, прекрасен мирис и нема да можам да го заборавам, бидејќи јас не заборавам ниеден мирис. И така, цел живот ќе се хранам со моето сеќавање на него, когошто ќе го поседувам. Тогаш, зошто ми е да го имам?“ (2005:226).
Дијалектиката на поседувањето и загубата кај Гренуј соодветствува со геометријата на блискоста и оддалечувањето на спомените, на сеќавањата. Во крајна линија, Гренуј лично е креатор на сопствената загуба.
Ретро-принципот, секогаш-веќе предодреденоста да „се храни/ужива“ во сеќавањата го храни антиципираниот страв на Гренуј од (извесното) губење (на есенцијалниот парфем, суштината на неговиот кутар живот) .
Гренуј станува жртва на сопственото, антиципирано (олфакторно) сеќавање. Неговото антиципирано сеќавање се претвора во терор, во сосема извесен, страв од не-заборав! Неможноста на заборавот станува трауматична за-даденост!
Вистинска агонија на сеќавањето!

П. С.
Писмото е помен – но, не само тажен или носталгично насочен кон минатото. Напротив, во романот како писмо се одвива возбудлива ре-анимација, воскресение на личното сеќавање, кое станува архетипски, универзално вредно, општо-значајно меморабилно искуство.

Литература

1. Agamben, Giorgio (2002): Remnats of Auschwitz: The Witness and the Archive, Zone Books, New York,
2. Appadurai, Arjun (2003): „Archive And Aspiration“
3. Belaj, Melanija (2006): „Obiteljska fotografija: suvenir emocija“, in: Treća, Zagreb, br. 2
4. Mollon, Phil (2001): Freud i sindrom lažnog sijećanja, Naklada Jesenski i Turk, Zagreb
5. Јанарас, Христос (1997): Хајдегер и Дионисије Ареопагит, Братство С. Симеона Мироточивог, Београд
6. Барџиева, Колбе Кица (2007): „Егејци и нашиот однос кон себеси“, ин: Дневник, Скопје, 16.09.2007
7. Господинов, Георги (2007): „Во моите книги им се доверувам на сочувствителните читатели“ (интервју), ин: Теа, Скопје, 12.09.2007
8. Савиќ, Обрад (2006/2007): „Сеќавања на воените злосторства, Дали жртвите можат да зборуваат“, ин: Маргина, Скопје, бр. 74/75
9. Шелева, Елизабета (2000): Културолошки есеи, Магор, Скопје

2018-08-21T17:21:13+00:00 февруари 25th, 2008|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 58|