Романот како философија на сеќавањето

/, Литература, Блесок бр. 58/Романот како философија на сеќавањето

Романот како философија на сеќавањето

Сеќавањето, паметењето, е само навидум едноставна, еднонасочна или праволиниска категорија. Сеќавањето е феномен, врзан со самиот концепт на постоењето, оти начинот (како и обликот) на нечие сеќавање длабоко е поврзан со индивидуалниот профил на една личност. Сеќавањето не е само или исклучиво сведено на емпирискиот материјал, содржан во биографијата како подредена фабула. Се сеќаваме онака како што живееме, или како што сме одбрале да го толкуваме своето живеење, своето искуство. Сеќавањето може да биде и активно – да се гради проективно, антиципативно – а не само механички да се архивира – (во вид на настани, ликови, доживувања) во „фајлот“ на нечија меморија.
Кого паметиме? Себеси, другите? Што паметиме? Настани, зборови, предмети, предели? Како паметиме? Исцело или делумно, веродостојно или фантазматски? Колку паметиме? Само неопходното или низа детали, кои сеќавањето го претвораат во ентропија? Во вител, што сè подлабоко нè вовлекува во својата несовладлива спирала?
„Да се сеќаваш – тоа значи да реконструираш – како во раскажувањето – а не да изнесуваш точен приказ на некој настан“ – кажува Фил Молон (2001:10), во концизната студија посветена на Фројд и неговото откритие на синдромот на „лажните сеќавања“.
Сеќавањето стои во тесна врска со идентитетот и постоењето на човечките битија и нивните собитија. „Субјектот зависи од потврдниот поглед на другиот“ – вели философот Едуард Хирш. Според философот на религијата Христос Јанарас „битијата ги познаваме само додека вистинуваат (обистинуваат), односно доколку искрснуваат од заборавот во не-заборав, во пројавноста на феномените“ (1997:55).
Сеќавањето е една од конститутивните диференцијални одлики помеѓу луѓето и животните: токму со помош на сеќавањето и предвидувањето, како што укажува философот Артур Шопенхауер, кај човекот, за разлика од животното, се одигрува таложењето на радоста и на страдањата, кои се кондензатор на рефлексијата. Сеќавањето од една страна е талог, од друга страна, извор на рефлексија (следствено, на радоста и тагата, кои произлегуваат од неа).
Во некролозите, како канонизиран жанр на сеќавањето и објавата на нечија смрт, многу често ќе го сретнеме фразеологизмот: „не успеавме да те сочуваме од смртта, но ќе те сочуваме од заборавот“, или „споменот и љубовта кон тебе ќе траат вечно, саканите никогаш не умираат“. Сеќавањето во овие радикални примери е единствениот можен залог, свечен и јавно даден завет пред покојникот, дека барем ќе остане виртуелно жив, во дискурсот на сеќавањето. Впрочем, некролозите неретко како свој наслов го носат токму идиомот „ин мемориам“.
Сеќавањето е единствената онтолошка компензација за не-повеќе-живиот, сакан, близок, значаен човек. А поменот (парастосот) како чин претставува ритуализиран облик на сеќавање, перформанс за ре-анимација на сеќавањето.
Покрај овие, постојат и други модалитети на сеќавањето: сведокот (како актер на сеќавањето и очевидец на конкретен настан/инцидент од минатото), споменот (како ментална слика или реконструкција на минатото искуство), сувенирот (како артефакт, предметен доказ, непосредно или асоцијативно поврзан со минато доживување, најчесто патување), споменикот (како монументална градба што ја поддржува архитектониката на сеќавањето), мемоарите (книжевен жанр, еклатантно врзан со модусот на сеќавањата), музејот (како архетипска локација, наменета за институционализација и складирање на сеќавањата во облик на конкретни предмети од минатото).
Што се однесува до уметноста, до книжевноста – работите повеќе или помалку остануваат слични. Со таа значајна додавка, дека уметноста претставува високо софистициран, естетски стилизиран, обликуван и комплексно, повеќеслојно артикулиран вид сеќавање.
Во неа, се чини, станува збор за посебен облик на меморијалност, како активен духовен модус – со посредство на кого се разоткрива минатото-во-сегашноста, односно, минатото како сè уште актуелна презентност.
Но, пред ја развиеме пошироко и во апликативна смисла, дискусијата за меморијалноста на книжевноста (нејзиниот карактер) треба да се дополни со дискусијата за појдовната наративност на сеќавањето, или на меморијата како говорен чин.
Меморијата не е линеарна, еднонасочна, транспарентна категорија, ниту пак механички трансфер на минатото – таа е секогаш-веќе конструкција, отелотворена расказност. Помеѓу паметењето како латентна, флуидна, предназначена, не-претставлива структура и сеќавањето како конкретизирана, вербално артикулирана, манифестна, обликувана структура – постои незанемарлив јаз, којшто е конститутивен токму за самиот дискурс на сеќавањето, односно за востоличувањето на сеќавањето токму како дискурс.
„Сеќавањата се како книжевните дела, се создаваат во самиот миг на присеќавањето, се конструираат од психо-динамичкиот конфликт и му служат на исполнувањето на желбите и на себе-залажувањето“ – заклучува Фил Молон во врска со Фројд.
Неговата севкупна научна методологија, психоанализата, е втемелена токму врз психо-патолошкиот учинок на сеќавањата и хипотезата за сеќавањето како приоритетен етиолошки фактор за настанокот на душевните растројства и болести. Всушност, Фројд сметал дека сеќавањата се секогаш веќе лажни – или, наводни, божемни, желбени, фантазматски – бидејќи се (пре)создаваат при самиот чин, или во мигот на при-сеќавањето.
Тие настануваат поради психо-динамски конфликти во личноста, како одговор на тековните проблеми во животот на оној што ги раскажува/приложува сеќавањата – заради исполнување на желбите и себе-залажување. Комбинираат елементи од различни извори, без оглед на вистинитоста или стварноста, при тоа, како и соништата, применувајќи игри на зборови, метафори и сл.
Токму психоанализата на Фројд е таков еден, систематски изведен зафат и осмислена стратегија за пре-создавање на аморфното неартикулирано паметење (кое е латентно, магловито, трауматско) во артикулирано/ обликувано сеќавање (кое станува манифестно, свесно, пост-трауматско). Претворање на сопственото паметење, паметењето за минатото „себе“ (на себноста) – во сеќавање, или, од друга страна, во сведоштво – како паметење на минатото „ти“ (на другиот/другите).

2018-08-21T17:21:13+00:00 февруари 25th, 2008|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 58|