Волја за преиспитување

/, Литература, Блесок бр. 111/Волја за преиспитување

Волја за преиспитување

Волја за преиспитување


Овој текст тргнува од неколку гледишта на Мишел Фуко, Едвард Саид и Тери Иглтон, според кои, често прифаќаме некои вистини како конечни бидејќи доаѓаат од авторитети кои, благодарение на својот статус во дадено општество, имале моќ да ги наметнат своите тврдења или да придонесат кон нивното прифаќање. Во текот на вековите, преиспитувањето на ваквите „вистини“ некогаш ги потврдувало, а некогаш целосно ги разоткривало како нелогични и неиздржани. Со цел да даде мал придонес кон оваа практика на преиспитување, овој есеј ќе се обиде да изнајде некои неаргументирани тврдења во Екстаза на комуникацијата од Жан Бодријар, „Смртта на авторот“ од Ролан Барт, како и во едно македонско гледиште за развојниот пат на литературата.

Она што, во својот текст „Редот на дискурсот“, Фуко го нарекува „волја за вистина“ се однесува на „вистини“ кои, благодарение на тоа што се воспоставени од авторитети во определено општество, како и благодарение на тоа што со текот на времето биле постојано повторувани, се здобиле со статус на вистина и потоа се користат како систем за исклучување на сите кои се несоодветни на постоечкиот систем. Интересен е примерот што во овој контекст го дава Фуко во поглед на Грегор Мендел. Имено, биолозите од 19. век не увиделе дека Мендел бил во право кога ја поставил наследната карактеристика како нов научен објект, изолирајќи ја теоретски, бидејќи тоа било спротивно на „вистините“ (односно, правилата) според кои биологијата ги формирала своите концепти. Со други зборови, методологијата на Мендел била спротивна на волјата за вистина што владеела во оваа наука. Дури подоцна, кога било увидено дека е во право, Мендел бил признаен како основоположник на модерната генетика.

Слично, Саид во своето дело Ориентализам, зборувајќи за книгата Ориентална библиотека, вели дека ова дело „нуди идеја за моќ и ефикасност кои насекаде го потсетуваат читателот дека за да стигне на Ориентот мора да мине низ решетките и кодовите на ученоста што му ги нуди ориенталистот“ (71). Затоа Саид заклучува дека преку ваквите кодификации, читателот е присилен да го прифати ова дело, а и сите слични дела, како вистински Ориент. На тој начин, вистината „станува функција на учен суд, а не на самиот материјал“ (Саид 71). Со други зборови, за да некој текст или говор биде прифатен во општеството, тој не мора да биде вистинит, туку треба да ги користи постојните кодификации на доминантниот дискур.

И Иглтон смета дека употребата на јазикот на определен прифатлив начин е често поважна од она што го кажуваме. Според него, на пример, она што се бара од оној кој сака да добие диплома од областа на литературните студии е да зборува и пишува на одреден начин. „Може да мислите или да верувате што сакате, сè додека знаете тоа да го искажете на потребниот јазик. Никој нема особено да обрати внимание на тоа што го кажувате, какви екстремни, умерени, радикални или конзервативни гледишта имате, доколку тие се споредливи со и може да се изразат во рамки на определена форма на дискурс“ (Eagleton, 1997: 175).

Фуко, Саид и Иглтон во споменатите искази ја предочуваат опасноста од она што Фуко го нарекува „волја за вистина“, односно опасноста некои аргументи да бидат прифатени како вистинити затоа што се искажани од мислители кои имаат статус на авторитети во својата област, па нивниот дискурс станува дискурс на моќ во смила на тоа дека овие автори вршат извонредно влијание врз натамошната филозофска, книжевно-теоретска или критичка мисла. Имајќи ја предвид оваа опасност, во овој есеј накратко ќе се обидам да се заложам за негување на волја за преиспитување наспроти волјата за вистина, преку преиспитување на некои од тврдењата на Бодријар, Барт и на неколку македонски теоретичари и критичари.

* * *

Францускиот филозоф Жан Бодријар, во своето дело Екстаза на комуникацијата, употребува интердисциплинарен пристап, обидувајќи се, меѓу другото, да употреби термини од медицината за да направи паралела со општествените појави. Така, забележително е неговото гледиште за шизофренијата, односно за шизофреничарот, дека тој „не се карактеризира, како што обично се тврди, со губење допир со реалноста, туку со преголема блискост и целосна поврзаност со нештата…“ (Baudrillard 27). Ваквата изјава не се темели на знаења од медицината или психијатријата, па нејзината смисла се губи кога ќе се спореди со сознанијата до кои има дојдено медицината за шизофренијата како болест. Искуството на една дисциплина, медицината, укажува на комплексни и физиолошки причинители на дијагнозата „шизофренија“, но Бодријар овде не го зема предвид искуството и научните постигнувања на психијатријата. Од друга страна, може да се рече дека поимот „шизофреничар“ кај Бодријар има повеќе преносно, а не буквално значење, но и преносното значење, за да функционира логично, треба да има некакви допирни точки со буквалното значење на поимот од којшто потекнува, што не е случај со поимот “шизофреничар“ кај Бодријар, бидејќи неговиот опис е толку далеку од медицинската дијагноза што во Екстаза на комуникацијата е употребен сосема произволно.

2018-12-13T11:38:09+00:00 јануари 23rd, 2017|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 111|