Волја за преиспитување

/, Литература, Блесок бр. 111/Волја за преиспитување

Волја за преиспитување

Волја за преиспитување


Секако, секогаш ќе биде потребно одново и одново да се потенцира она што го вели Барт, колку навистина авторот има мала улога во поглед на тоа дека неговите гледишта и самиот јазик што го користи не се ниту негов пронајдок ниту негова оригинална сопственост независна од историјата и од јазикот што го наследил. Но тоа не подразбира дека јазикот е автономен организам кој говори без оглед на постоење на луѓето (како што нагласува Барт во својата дискусија за Маларме во „Смртта на авторот“). Барт го поддржува ставот дека делото не е резултат на авторот како поединец затоа што, смета тој, во авторот се спојуваат гласовите на цела една култура кон која припаѓа. Но, против ваквото тврдење може да се најде аргумент: истата таа култура произведува автори со спротивставени гледишта, што значи дека сепак делумно текстот е резултат и на авторот како поединец, а не само како припадник на одредена култура. Не е пожелно да се наметне ограничување на текстот, вели Барт, со тоа што ќе му се даде автор; Барт дава огромен придонес кон ослободување од стегите на авторските намери и свртување на вниманието кон важноста на читателот. Сепак, би можело да се додаде дека да му се даде автор на текстот не значи да му се наметне ограничување. Значењата на текстот може да бидат безбројни и тие зависат и од писателот и од интерпретацијата на читателите, кои може да изберат да ја земат предвид биографијата на писателот или сосема да ја игнорираат.

* * *

Во македонската критичко-теоретска мисла постои гледиште за литературата како феномен што се развива слично како живите организми. Според Георги Старделов, без Стале Попов би „зјаела литературна празнина“ во еволуцијата на македонската литература (13). Слично, според Димитар Митрев, романот Крпен живот на Стале Попов, како изразито битов роман, доаѓа за да пополни една празнина во нашата литература, па затоа неговата појава „колку и задоцнета, за нас не е анахронична“ (цит. Во Друговац 40). На оваа линија е и Миодраг Друговац, кој исто така смета дека во македонската уметничка литература постоел вакуум, кој „кога-тогаш морал да биде исполнет со делата на онаа уметничко-естетска ориентација кои, ако не баш сосем идентични на таквите ориентации во српската, хрватската или, на пример, во бугарската литература од последните децении на XIX и во почетокот на XX век, тогаш барем со збирот на своите карактеристики се најблиски до нив…“ (40-1).

Овде е видлива паралелата што се исцртува меѓу развојот на живите суштества (било растенија или животни) и развојот на литературата како феномен. Така, дрвото мора да помине низ некои фази на развиток, на пример, да биде високо еден метар пред да достигне два метри. Слично, се тврди дека литературата мора да помине низ битов период за да стигне до „поизразито белетристичен“.

Но изедначувањето на општествените случувања со природните феномени (односно нивното споредување врз основа на блискост) носи голема опасност да биде произволно и наивно бидејќи често се покажува како неточно. Во овој случај, ако историјата на литературата следи некаков правилен развој, тогаш како да се објасни фактот што реалистичните романи на Чарлс Дикенс излегуваат после објавувањето на експерименталниот Тристрам Шенди на Лоренс Стерн, или што во Македонија се пишуваат реалистични раскази и по објавување на постмодернистички дела? Логиката на познатото, на животниот тек (од раѓање па до старост), на хронолошкиот развој на научните откритија (на пример, прво е откриена парната машина, потоа мотори со внатрешно согорување, до авиони што летаат побрзо од брзината на звукот) е толку моќна што автоматски се пренесува и на области каде таквиот причинско-последичен след на настаните воопшто не е природен ниту неопходен.

* * *

Овде беа земени сосем куси примери од поединечни дела на Бодријар, Барт и на неколку макеоднски теоретичари и критичари за да се илустрира потребата од преиспитување на „волјата за вистина“. Додека овие автори имаат големо значење за унапредување на разбирањето на литературата, исто така е важно да се надоврзе на нивните гледишта, кои всушност и претставуваат поттик за натамошни анализи, а не да се земат како конечни непроменливи вистини. Бидејќи целта беше да се покаже дека ваква волја за вистина е присутна во различни култури и кај автори од целосно различна провиниенција, не се анализираше исцрпно едно дело, туку беа употребени само неколку гледишта од различни автори во надеж дека ова ќе претставува мал придонес и поттик да се негува волја за преиспитување која би можела да се спротивстави на волјата за вистина.


Бибилиографија:

Barthes, Roland. “The Death of the Author.” Literature in the Modern World. Ed. Dennis Walder. Oxford: Oxford UP, 1990. 228-232.
Baudrillard, Jean. The Ecstasy of Communication. Trans. Bernard and Caroline Schute. Ed. Sylvère Lotringer. New York: Autonomendia, 1988.
Друговац, Миодраг. Повоени македонски писатели I. Скопје: Наша книга, 1986.
Eagleton, Terry. Literary Theory: An Introduction. Oxford: Blackwell, 1997.
Foucault, Michel. “The Order of Discourse.” Trans. Ian McLeod. Modern Literary Theory: A Reader. Eds. Philip Rice and Patricia Waugh. 2nd ed. London: Edward Arnold, 1992. 221-233.
Саид, Едвард В. Ориентализам. Прев. Зоран Анчевски. Скопје: Магор, 2003.
Старделов, Георги, прир. Повоени македонски прозаисти. Скопје: Кочо Рацин, 1960.

2018-12-13T11:38:09+00:00 јануари 23rd, 2017|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 111|