Волја за преиспитување

/, Литература, Блесок бр. 111/Волја за преиспитување

Волја за преиспитување

Волја за преиспитување


Поврзувањето на филозофијата со медицината укажува на уште една неточност што Бодријар ја прави кога без аргументи ја идентификува реалноста со симболичното. Тој говори за таканареченото „меур-дете“, момчето кое живеело во балон направен од истиот материјал од кој се прават вселенските одела за космонаутите на НАСА со цел да биде заштитено од сите инфекции со вештачки имунизиран простор. Притоа, Бодријар го претставува ова дете како симбол за постоење во вакуум. Врз основа на овој пример, тој предвидува иднина во која сите ние ќе размислуваме во вакуум, а „вештачкото прочистување на сите средини, атмосфери и околина ќе ги замени крахираните внатрешни имунолошки системи“ (Baudrillard 37). Всушност, тој говори за губењето на вештината за опстанок (38) што се должи на нашата преголема зависност од медицината.

Притоа, Бодријар е крајно недоследен: од една страна, се залага за тоа да не зависиме од медицината и од здравствените услуги зашто тие ни го намалуваат природниот имунитет. Од друга страна, во моментот кога го пишува ова (во 1980-те) нема ништо против откритијата до кои медицината стигнала да тогаш. Следствено, за Бодријар се прифатливи методите и средствата за лекување што постојат во неговото време, но смета дека ако натаму се развиваат, тогаш ќе придонесат до сè полоши, понеиздржливи, понежни и послаби примероци на луѓе, од аспект на здравјето. За да не падне во ваква стапица, токму како што му одговара, прави провизорна граница – донекаде може да зависиме од медицината (за определени лекови и определени болести), а натаму веќе не би требало да зависиме од неа (за други видови болести и соодветните лекови за нив). „Не би се отишло предалеку ако се рече дека унишувањето на човештвото почнува со уништување на бактериите“, смета Бодријар (38).

Ваквите гледишта на Бодријар имплицитно искажуваат став дека имунитетот и физичкиот квалитет на живите суштества, во случајов луѓето, се намалува со овозможување да преживеат и послабите примероци; како и дека дури и да може да се постигне целосна незагаденост, не би било пожелно таа да се воспостави, затоа што тогаш би станало збор за „убиствена незагаденост”, односно луѓето би ја изгубиле способноста за опстанок. Но дури и напредокот на медицината навистина да води кон намалување на имунитетот, дали тоа е причина да се стави крај на сите медицински истражувања и усовршувања? Она што претставува логична последица на неговите ставови е: за да не ја изгубиме способноста за опстанок како човештво, треба да ги оставиме болните луѓе, за кои потенцијално би можело да се најде лек, да умрат; но Бодријар решава сосема да го изостави (или можеби да го сокрие?) овој заклучок.

Друг проблем што повторно се должи на невоспоставување логична поврзаност е тоа што Бодријар во Екстаза на комуникацијата се става во одбрана на инстинктите, а се спротивставува на науката и прогресот. Но ваквиот избор, всушност, е апсурден затоа што прогресот е исто така еден од човечките инстинкти.

* * *

Еден од најпознатите есеи поврзан со постструктурализмот е „Смртта на авторот“ на францускиот книжевен теоретичар, филозоф и критичар Ролан Барт, но и во него, како и во подоцнежните толкувања на овој есеј, може да се откријат извесни недоследности. Имено, цитирајќи една реченица од делото, со која се опишува кастриран маж преправен во жена, Барт се прашува кој го изговара дадениот опис: „Дали е тоа јунакот на приказната решен дека не знае оти зад жената се крие кастриран маж? Или е тоа поединецот Балзак, кој преку своето искуство се здобил со определна филозофија на Жената? Или писателот Балзак кој ги претставува своите ’книжевни’ идеи за женственоста? Или универзална мудрост? Романтичарска психологија?“ (Barthes 228). Барт заклучува дека никогаш нема да го дознаеме одговорот зашто пишувањето е „уништување на секој глас, на секоја точка на потекло“ (Barthes 228), со што започнува смртта на авторот. Постмодернизмот често се навраќа на овој постулат на Барт за да укаже на тоа дека при толкувањето на делата не е потребно да знаеме ништо за животот или за ставовите на авторот. Тоа е навистина така, но фактот дека можеме да ја читаме, толкуваме и дискутираме книжевноста без да споменеме биографски податоци не значи дека тие не се присутни во неа. Имено, овој пристап на интерпретација на текстот како изолиран текст без надворешни влијанија е само една од можните постапки на интерпретација, а не вистина откриена од Барт после која сите толкувања треба да ги игнорираат животните околности и ставовите на писателите.

Не знаеме дали наведената реченица на Балзак е став на само еден од неговите ликови, или се должи на Балзаковото лично сфаќање за жените или на традиционалното општествено гледиште за жените. Ако е став на само еден лик, тоа ќе биде видливо во делото со претставување на ставовите на други ликови што не мислат на ист начин. Делата го издаваат авторот, дури и ако во нашето толкување решиме да се фокусираме на сосема други аспекти. А ако е сфаќање на писателот Балзак, а не на определен негов лик, тогаш е сфаќање на личноста Балзак, било како поединец или како претставник на културата на која ѝ припаѓа. Прашањата што ги поставува Барт служат за да го илустрирааат неговиот став дека штом определен факт е раскажан, се случува прекин на неговата врска со раскажувачот затоа што текстот како јазична структура може да значи нешто друго од тоа што сакал да го каже авторот. Но тоа е прашање на избор на пристап кон книжевното дело, односно овде станува збор не за прекин на врската меѓу ракажувачот и текстот, туку за можноста на толкувачот да ја игнорира таа врска. Самата врска меѓу писателот и текстот, пак, не е никогаш прекината, оти Балзак, без оглед на нашата слободна волја да го игнорираме и да не ги земеме предвид неговите биографски елементи и лични ставови, е секогаш присутен; зашто пишаниот текст не постои како некаков мистериозен автономен организам што си има свој живот и може да се менува или да си презема најразлични значења независно од авторот, читателите или критичарите, ами тие се оние кои му ги даваат значењата, кои може намерно или несвесно да одземат и пренебрегнат некое значење или да додадат друго, што дотогаш не било дел од текстот.

2018-12-13T11:38:09+00:00 јануари 23rd, 2017|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 111|