Ана Карењина: Спекуларните моменти во дискурсот на љубовникот

/, Литература, Блесок бр. 54/Ана Карењина: Спекуларните моменти во дискурсот на љубовникот

Ана Карењина: Спекуларните моменти во дискурсот на љубовникот

Г. Левин и копнежот по значењето на љубовта и животот

Критичарите бездруго често ја споредуваат врската на Ана и на Вронски со онаа на Кити и на Левин, и даваат бројни причини за неуспехот на првата, и успехот на втората. Мојата намера во овој дел не е да дадам повеќе причини за секоја, туку да видам како успехот на оваа втората се изразува во дискурсот на љубовниците.
За време на секоја средба меѓу Кити и Левин, очигледно е дека ликовите едвај да го користат јазикот за да комуницираат за нивната врска, а кој јазик и да се користи, комуникацијата или не се случува, или јазикот се користи да се пренесе нешто друго од она што субјектите имаат намера да го пренесат. Мојот став е дека средството за комуникација (јазикот или друго), ја одразува намерата на комуникацијата, која понекогаш може да биде вон контрола на комуникаторот. Лакановски кажано, јазикот комуницира не само порака, туку ги одразува и желбите и фантазиите на ликовите. Како прв пример, да ја погледнеме сцената во лизгалиштето, кога Левин ќе ја сретне Кити. Нараторот ни кажува дека при неговата посета на брат му, Левин сакал да му каже „дека наумил да се жени, и да го замоли за совет, оти цврсто се беше решил“ (Глава 8). А подоцна во истата глава, Левин решава дека „за да добие душевен мир, треба пред сè да го реши она прашање заради кое и дојде во Москва“, т.е, да ѝ предложи брак на Кити.
Ставот на Левин кон бракот во овој момент може да се спореди како многу сличен на оној на Каренин кога тој ѝ предложил брак на Ана. И двата лика бракот го гледаат како нешто што човек мора, или треба да го стори. Каренин решава да се ожени бидејќи тоа е неопходно за неговиот општествен статус. Бракот за него е општествена неопходност. Во оваа фаза на неговиот живот, Левин го сведува сфаќањето за бракот на предмет и така и го споменува во својот дискурс. Се стекнува впечаток дека тој смета оти бракот всушност не се однесува на неговото битие, ниту на него лично. Бракот е надвор од неговото битие, тој е „тоа“, одделено од „јас“. Во оваа душевна состојба и од оваа субјективност, тој ѝ пристапува на Кити на лизгалиштето. Како што Левин ќе се сретне со Кити, еден друг дел во него се обидува да заземе контрола на неговото битие. Откако ќе се приближи до Зоолошката градина, тој станува „свесен за биењето на своето срце“. Срцето често се користи како метафора за друга, спекуларна слика на себеси. Левин е свесен за другоста на своето срце – неговото спекуларно друго, и се наоѓа во истата состојба на збунетост како и Ана кога таа го среќава Вронски, кога не знае дали вистинската Ана е онаа која се омажила за Каренин, или онаа која се вљубила во Вронски: „Дали сум друга“, се прашува таа. Конфликтот на Левин се изразува во неговиот дискурс, кога треба да ја види Кити. Тој почнува да зборува со својот друг, со своето срце: „Не треба да се вознемируваш, треба да се успокоиш. Што ти е? Што сакаш? Молчи, будало, му зборуваше на своето срце.“ Сликата на лакановскиот спекуларен момент, и желбата на субјектот да го контролира одразот на себеси во оваа сцена е прилично очигледна. Како што читаме понатаму, забележуваме дека претставите во огледалото на субјективноста на Левин се менуваат во дискурсот. Една страна од сликата е онаа на човек кому му треба жена, и смета дека Кити е погоден субјект. Другата страна е сликата на љубовниот субјект. Втората слика метафорично е претставена од срцето. Срцето исто така се натпреварува за внимание на истиот субјект. Менталната состојба на Левин во оваа сцена е структурна паралела на онаа на Ана кога таа го среќава Вронски на железничката станица, кога таа не може да реши дали е Ана, жената на Каренин, или друга Ана.
Иако Левин сè уште не ја гледа Кити, сепак, срцето му знае дека таа е таму: „Знаеше дека е тука, по радоста и стравот кои му го преплавија срцето.“ За неговото срце, спекуларното друго на Левин, Кити е исто така друга, а не истата жена која Левин мислел да ја земе за жена. Таа е многу различна од субјектот кој Левин го посакува (жена-мајка), но е субјект чие битие не припаѓа во дискурсот, таа е скоро свет објект. Нараторот ни кажува дека: „Местото кај што стоеше таа му се чинеше како непристапно светилиште“ (Глава 9). Сето битие на Кити, а особено нејзината насмевка, го пренесува Левин во еден волшебен свет „во кој се чувствуваше мек и трогнат, каков што беше, се сети, во ретките денови на своето рано детство“. За спекуларниот друг на Левин, Кити ја претставува можноста (мајка) за регресирање во детството, и фазата на огледалото, кога сите желби се исполнети. Кога Левин ќе оствари контакт со Кити, неговиот дискурс се меша и се буни бидејќи двете субјективности се обидуваат истовремено да комуницираат со Кити: „јас“ и „срцето’. Кога Кити го прашува дали е долго таму, Левин одговара: „Јас? Скоро, вчера… т.е, денеска.. дојдов.“ Овој конфузен одговор се повторува во Глава 13, кога Левин се обидува да ѝ предложи брак на Кити: „Ви реков дека не знам колку ќе останам… дека тоа од вас зависи… сакав да кажам… сакав да кажам… дојдов за да… ми бидете жена! – рече тој, не знаејќи што кажува.“
Дискурсот на Левин е заматен со конфузијата која потекнува од прашањето: Дали сакам жена или мајка? „Јас“ на Левин сака жена, а „срцето“ му сака мајка. Жената, според Лакан, може за еден маж да биде или мајка или курва, но не и двете. Ана го привлекува Вронски бидејќи претставува лик на курва за него. Левин во Кити бара мајчински лик. Затоа најмногу ѝ се восхитува, особено подоцна во романот кога Кити е бремена. Таа го претставува блаженството на мајчинската прегратка.
Во текот на романот, Левин копнее по структура на значењето во љубовта, бракот и животот со кој се поистоветува. Тој е детето на Лакан кое својот идентитет го здобива преку спекуларната слика која му нуди кохерентност, тоталност и значење. Тој триумфира кога ја препознава комплетната симбиоза меѓу себеси и универзумот околу него. Тој посакува да ги чита знаците транспарентно и копнее по читлив универзум. И на крајот го наоѓа. Претставата во огледалото, се разбира, би била совршен, апсолутен знак.
Кога Левин е подготвен уште еднаш да ѝ предложи брак на Кити, сфаќа дека не може да ја доживее љубовта преку јазикот, ниту пак јазикот може да ја објасни причината за неговото постоење. Кога ја одбива желбата за самоизразување преку прецизно претставување, со други зборови, за транспарентен превод на искуството во јазик, тој започнува да доживува целосност и еден идентитет со Кити и со универзумот околу него. Вториот обид за предлог за брак на Левин, кога тој и Кити разменуваат пораки со пишување на првата буква на секој збор, е успешен од причина што јазикот е отфрлен, и бидејќи Левин повеќе не е збунет за тоа на кого му предлага – тој или неговото срце, или она што го сака, жена или мајка. Тој ја сака мајката во Кити. Во оваа смисла, тој е различен од Вронски, кој сака само да поседува предмети, и наоѓа радост токму во ова поседување. Во овој момент Левин нема потреба од јазик, јазикот е тука само за да го разубави говорот, а не и да пренесе порака. Вирзбицка (Wierzbicka) забележува дека „емоцијата е нешто што се чувствува и не зачнува вербално… Една емоција не може да се пренесе со зборови, она што може да се пренесе со зборови е само корелатот на чувството.“ (502)
Отфрлањето на јазикот на Левин како средство за познавање на другиот исто така може да се види во неговите обиди да најде значење во својот живот. Да се верува дека јазикот може да пренесе вечни вистини е како да се верува дека означувачот и означеното имаат иста суштина: да се верува дека со поседување на означувачот, може да се поседува и означеното. До крајот на романот, Левин сфаќа дека „Тие зборови и поимите кои беа поврзани со нив, беа многу добри за мудрување; но на животот не му даваат ништо…“ (Дел VIII, Глава 8). Однесувањето од фазата на огледалото на Левин се гледа преку неговиот обид да најде, во неговата потрага по значење во својот живот, совршен, апсолутен знак, или рефлексија на себеси, во природата. Природата му дава, како и на Оленин во Козаци во славната сцена во леглото на елените, чувство на целосност во која може да исчезне. Преку природата тој ја доживува мајчинската прегратка, ја чувствува едноста со неа. Метафорично, и Левин и Оленин во овој екстатичен момент сфаќаат дека нема разлика меѓу огледалото и изворот – рефлексијата и проекцијата. Како што љубовната прегратка „се чини дека го исполнува, привремено, сонот на субјектот за целосно единство со љубениот“ (Barthes, 104), така природата го маѓепсува Левин и Оленин во еден свет кој им два кохерентност, целосност, и значење. Бидејќи природата (овој свет, универзумот) е идентична со неговото лично битие, Левин заклучува дека бескрајниот Бог исто така мора да се огледува во него. Бог, изворот на рефлексијата и на проекцијата во огледалото, е конечното означено по кое Левин трагал.

АвторЏорџ Митревски
2018-08-21T17:21:17+00:00 јуни 19th, 2007|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 54|