Ана Карењина: Спекуларните моменти во дискурсот на љубовникот

/, Литература, Блесок бр. 54/Ана Карењина: Спекуларните моменти во дискурсот на љубовникот

Ана Карењина: Спекуларните моменти во дискурсот на љубовникот

Во овој краток вовед, отсуството на лингвистички контакт во ниеден случај не го спречува иницирањето на љубовниот дискурс.
За да се случи некој дискурс, потребни се два субјекта: „јас“ и „ти“. „Јас“ е лицето кое го искажува, вербално или невербално, сегашниот момент на дискурсот. „Ти“ е лицето кое се гледа себеси како посакуван примател на дискурсот, кој посакува да престојува во оваа заменка. „Заменката ’ти’ значи само нешто до степен до кој гледачот се идентификува со него, се препознава себеси во субјектот на говорот“ (Silverman, 49). Затоа, пораките на говорникот, се наменети за секој кој сака да престојува во заменката „ти“. Во спекуларниот момент на идилична комуникација споменат погоре, Вронски се гледа себеси како „ти“, или примател на невербални љубовни пораки кои му ги испраќа Ана. Кога гласот на нараторот ни кажува дека очите на Ана почиваат „симпатично и плашливо“ на лицето на Вронски, препознаваме и дека оваа перцепција, или интерпретација, која потекнува во битието на љубовното „ти“ на Вронски, кој избрал да му дозволи на своето лице да биде место за одмор на очите на Ана. Иако „јас“ е она кое го кажува дискурсот, неговото значење го контролира „ти“, примателот.
Уште поочигледен пример на оваа „апропријација“ на заменката „ти“ наоѓаме во глава 21 во првиот дел. Во оваа глава, Вронски доаѓа во куќата на Стива во девет и пол часот да се распраша за некоја вечера. Семејството Облонски во тој миг разговара и гледа албуми со слики. Ана станува и оди горе да земе слика од својот син. Во ходникот се слуша ѕвончето. Како што Ана се качува на врвот на скалите, Вронски влегува и на кратко разговара со Стива за вечерата, Тој одбива да влезе во куќата. Овој едноставен настан секому, освен на нараторот, му се чини чуден, заради несигурноста на тоа кој е „вистинскиот“ посакуван „ти“, или примател на дискурсот на Вронски, и заради можноста вербалниот дискурс на Вронски да крие друга порака за посакуваниот примател. Секој од трите лика (Стива, Ана и Кити) се препознава себеси како субјект на говорот и реагира според тоа. Вронски директно му се обраќа на Стива, па затоа тој се гледа себеси како посакуваниот „ти“. Единственото нешто што му е чудно на Стива е дека Вронски не влегува во куќата. Кити, вљубениот субјект, го интерпретира разговорот на Вронски со Стива како незначаен, и наоѓа повеќе значење во самиот факт на неговото доаѓање. Со преземање на заменката „ти“ за себе, таа го интерпретира доаѓањето на Вронски како порака наменета за неа. Од гледна точка на Ана, пристигнувањето на Вронски исто така носи порака која е наменета за неа. Тоа доаѓа до овој заклучок со преиспитување на својот неконтролиран одговор на неговото доаѓање: „… чудно чувство на задоволство, помешано со страв од нешто, ѝ се разбуди во срцето“ (Дел 1, Глава 21).
Откако се населил во „ти“, кој го зборува саканиот, примателот триумфира, како детето кај Лакан, заради можноста да манипулира со дискурсот на другиот. Во смисла на железничката станица, ова искуство за Вронски е исто така состојба на возбуда. Тој успеал да допре до посакуваниот означен, „вистинското“ во гестовите на Ана без никаков напор. Тој доживува едно чувство на единство, и споделување на „битието“ на Ана. Нараторот го илустрира ова преку обемно користење на метафори што покажуваат физичка блискост, и метафори на пренос. На пример, тој забележува нешто „љубезно и нежно“ кај Ана. И двете придавки сугерираат карактеристика која може да се забележи само преку тактилен контакт со објектот. Во еден друг пример, нараторот ни кажува дека очите на Ана „останале на неговото лице“. Погледот во оваа метафора ја зема материјалната форма на органот кој го продуцира, окото, кое мигрира на саканата. Во јазикот на Лакан има случаи на метафоричен пренос на „битието“ на еден субјект на друг. Вљубениот субјект и саканиот стануваат едно суштество, андрогин. Гестовите кои Ана го прави, а Вронски ги забележува во оваа сцена „немаат содржина или значење по себе, во изолација од чинот на комуникација“ (Zinkin, 88). Гибиан (Gibian) исто така забележува дека „Толстој ова го презентира како суптилна комуникација супериорна на интелектуалната. Тоа е интуитивен, невербален, неаналитички процес“ (315).
Втората фаза на љубовниот дискурс меѓу Ана и Вронски се случува откако ликовите воспоставиле вербален контакт. Играта меѓу вербалните и невербалните пораки во дискурсот на љубовникот прави значењето на настанот да е сосема неразбирливо за некој надворешен посматрач. На нивото на пораката, оваа двојност на информациите се дефинира со она што теоретичарите на комуникацијата го нарекле „содржина“, или дигитално, и „команда“, или аналогно. Нивото на содржината на пораката се состои од „податоци“ на комуникацијата, кои обично се кодираат вербално. Таа исклучително се однесува на суштината на комуникацијата (Sousa-Poza, 331). Невербалните, командните (аналогни) клучеви даваат карактеристики за тоа како треба да се интерпретира вербалната порака. Овој начин на комуникација често го избегнува свесното цензорство, и затоа може да ја открие вистинската, примитивна, или потисната страна на личноста (Ekman, 390). „Задачата на вербалниот знак ќе биде да замолчи, да маскира, да измами… Можам да сторам сè со мојот јазик, но не и со телото. Она што го кријам во јазикот, телото го издава. Можам намерно да ја модификувам својата порака, но не и гласот… Телото ми е тврдоглаво дете, јазикот ми е многу цивилизиран возрасен“ (Barthes, 43-44). Аналогната порака е високо антитетичка; таа е податна за многу различни и често сосема некомпатибилни дигитални интерпретации (Watzlawik, 100). „Дигиталниот јазик има многу комплексна и моќна логичка синтакса, но му недостасува адекватна семантика на полето на врските, додека аналогниот јазик има семантика, но нема соодветна синтакса за јасна дефиниција на природата на врските“ (Watzlawik, 66). Вербалната размена меѓу Ана и Вронски во сцената на железничка станица може да се смета за „неврзан муабет“. А сепак, кога пораките се придружени од мета-информациите кои ги пренесува телото на Ана, Вронски ја интерпретира размената како иницијација на меѓусебна љубовна врска.
Додека сè уште е во возот, мајка му на Вронски му кажува за нејзиниот разговор со Ана. Ана одговара, „- Да, јас и грофицата цело време разговаравме за сè – јас за мојот, а таа за својот син – рече Карењина, и пак насмевка ѝ го озари лицето, слатка насмевка која му беше упатена нему“ (Дел 1, Глава 18). Дигиталната порака е овде содржана во реченицата на Ана, а аналогниот дел е придружната насмевка. Пораката истовремено ги пренесува и информациите и мета-информациите. Спротивставеноста на двете пораки не дава единствен означен, туку Вронски ја интерпретира субјективно; тој одбира да стане субјект на говорот, да се препознае себеси во дискурсот на говорникот. Да се сетиме дека претходниот контакт меѓу Ана и Вронски беше не само невербален, туку и формален. Таа сè уште не го знае идентитетот на мажот кого го погледнала. За време на долгото возење со возот, мајката на Вронски на Ана ѝ дава одреден опис на Вронски. Од гледна точка на Ана, Вронски тогаш престојува во трето лице, „тој“ (или histoire, според терминологијата на Бенвенист). Кога таа го гледа за првпат на железничката станица, препознава единство меѓу „тој“ прикажан од старицата, и човекот кој чека на станицата. Во нејзиното прво препознавање, таа можеби сетила чувство на триумф што го забележала ова единство меѓу histoire и човекот на станицата. Откако воспоставуваат вербален контакт, Ана сè уште зборува за Вронски во трето лице кога тој е субјектот во говорот. Таа му кажува дека грофицата зборувала “o svoem syne”, кога може да употреби второ лице, “o vas”. Овој став може да укаже дека таа сака тој да остане субјект на дискурсот, но сè уште не партнер во дискурсот. Тоа е еден од многуте знаци кои Вронски ги интерпретира како „флерт“.

АвторЏорџ Митревски
2018-08-21T17:21:17+00:00 јуни 19th, 2007|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 54|