Ана Карењина: Спекуларните моменти во дискурсот на љубовникот

/, Литература, Блесок бр. 54/Ана Карењина: Спекуларните моменти во дискурсот на љубовникот

Ана Карењина: Спекуларните моменти во дискурсот на љубовникот

Перцепцијата на Вронски за насмевката која го осветлува лицето на Ана, како да го милува и е наменета за него, на читателот му ја соопштува нараторот кој се населил во љубовната субјективност на Вронски. Сè уште не сме сигурни за намерата на Ана со овој чин. Насмевката како аналогна порака добива поголемо семантичко значење овде бидејќи е спротивставена на една прилично семантички празна дигитална порака. Вербалниот еквивалент на оваа игра на дигитални и аналогни пораки Вронски ја интерпретира како „кокетирање“, бидејќи, според Вронски, дискурсот и маниризмите на Ана како да позајмуваат од познатите вербални практики на флертувањето. Дискурсот на Вронски е важен заради своето конотативно значење. На коментарот на Ана, Вронски одговора: „Веројатно тоа и во здодеало – рече тој, прифаќајќи ја во лет топката на кокетноста, која таа му ја дофрли“ (ibid.). Овде повторно ја забележуваме метафората на преносот: флертот презема материјална форма, може да се подаде како топка од еден човек на друг. Нема ништо во вербалната порака на Вронски што би покажало дека тој го прифатил флертот на Ана и сака да учествува во нејзиниот дискурс. Пораката добива вакво значење само заради тоа што е семантички празен одговор на подеднакво празната дигитална порака на Ана. Ова е почетокот на играта на флертување. А зошто Вронски би го интерпретирал однесувањето на Ана како флертување? Како што забележавме, таа ја иницира играта со тоа што му се обраќа во трето лице. Исто така, во нејзиниот дискурс и маниризам има насетување на лебдечка потчинетост проследена со аверзија. Оваа игра се повторува неколку пати. Флертувањето, според германскиот социолог Георг Симел (Georg Simmel), „мора да направи личноста на која ѝ е наменето да ја чувствува променливата игра меѓу согласувањето и одбивањето“ (134), и „сè додека и двете постојано се играат едно наспроти друго, па ниедно не е доволно сериозно да го истисне другото од свеста, можноста за Можеби сè уште стои над Негативното. Сепак, ова Можеби, во кое пасивноста на потчинувањето и активноста на една последувателна форма единство на примамливоста, целиот внатрешен одговор го припишува на однесувањето на флертот“ (143). Интерпретацијата на однесувањето на Ана во оваа сцена како игра на кокетирање од страна на Ана потекнува од вљубениот субјект, Вронски, во чие битие нараторот престојува во моментот. Не можеме да бидеме сигурни дека Ана исто така мислела нејзиниот дискурс да биде флертувачки. Меѓутоа, бидејќи Вронски себеси се опишува како „светски човек“, тој веројатно ги познава сите знаци на флертувањето. Ана е веќе запознаена со овој аспект на личноста на Вронски, откако слушнала многу работи за него од мајка му, таа знае дека ваков маж лесно може да интерпретира некое однесување како флерт, и решава да го иницира. Според Симер, „внатрешно, жената која флертува е целосно решена за една или за друга насока. Значењето на целата ситуација лежи само во фактот дека таа мора да ја скрие својата одлука и дека, во однос на нешто што е суштински сигурно, може да го стави својот партнер во состојба на несигурност или неодлучност која е вистинска само за него“ (142). Со својата одлука да учествува во играта, Вронски дејствува инстинктивно, откако истиот одговор го извежбал безброј пати во своите љубовни излети. Тој е „предиспониран на интерпретацијата која ја сугерираат очите на Ана“ (Jones, 97). Тој „ја прифаќа топката на кокетирањето“, преправајќи се дека „тој“, третото лице еднина создадено од мајка му, е многу различен од сегашното битие „јас“, кое разговара со Ана. Симел овој тип на вербална активност го интерпретира како „домен на интелектуално себе-криење: потврда на нешто што не се мисли навистина“ (138). Флертувањето не е неопходно почетокот на љубовната врска; тоа е танцот на парење кој учесниците ги подготвува за љубовната врска. Флертувањето го нагласува гениталниот аспект на љубовните чувства. Тоа исполнува една потреба која може лесно да се задоволи. Тоа се разликува од љубовта во тоа што „битието на љубовта, чистиот феномен на она што е желба, не може да се прекине со исполнувањето на таа желба.“ (Simmel, 133)
Оваа глава завршува со славната сцена на смртта на чуварот. Значењето на овој настан како предвидување на смртта на Ана до сега веќе им е познато на читателите. Овој настан е исто така значаен во врската на Ана со Вронски бидејќи на Вронски му дава уште една можност да престојува во заменката „ти“, и така станува партнер во љубовниот дискурс на Ана. Кога Ана слуша за несреќата, таа прошепнува: “Nel’zia li chto-nibud’ sdelat’ dlia nee? [вдовицата]”. Недефинираното “chto-nibud’ sdelat’” во ова „барање“ е придржено од навестеното “kto-nibud’”, агент, кој, преку еден дефинитивен конкретен чин, ќе ги „замени“ и двете општи заменки со конкретни. На предлогот на Ана, Вронски одговара: “Ia seichas pridu”, и на вдовицата ѝ дава 200 рубљи. Во оваа индиректна размена, јазикот на Ана дава „празни“ (општи) форми, кои Вронски, преку своите дела, си ги презема и ги поврзува со себе во изразувањето на љубовниот дискурс. Според теоријата на дискурсот, човек престојува во заменката преку дејствувањето. Нема сомнение дека сите присутни се согласуваат дека на вдовицата треба да ѝ се помогне. Исполнувањето на барањето на Ана може да служи за двојна цел: да ѝ се помогне на вдовицата едноставно бидејќи ја сожалуваат, или да ѝ се пренесе порака на Ана (подтекст под текстот за исполнување на барањето). Вербалниот одговор на Вронски на барањето на Ана е насочен кон мајка му. Но, нараторот исто така ни кажува дела пред Вронски да ѝ се обрати на мајка си, тој погледнува во Ана. Затоа, има две адреси на кои се упатува пораката “Ia seichas pridu”. Вронски го заменува општото “chto-nibud’ sdelat’” на Ана со чинот на „давање на парите“, а навестеното “kto-nibud’” со „ти“, кое си го преземе на себе. Тој се идентификува со него, се препознава себеси во субјектот на говорот, и се населува таму. Лакановските психоаналитичари забележале дека „… јазикот во психоаналитичката средина пренесува значење преку своите нејасности, одрекувања и игнорирање на намерите“ (Benvenuto and Kennedy, 72).
Овој вид на дискурс меѓу Ана и Вронски продолжува во раните фази на нивната врска. Кога ликовите функционираат во полето на спекуларниот момент, идиличната комуникација и реципроцитет продолжуваат, сите ограничувања на јазикот се елиминирани. Меѓутоа, кога тие се надвор од овој момент, ликовите го гледаат и го интерпретираат своето битие и реалност преку мислата и јазикот. На ниво на дискурсот, неуморната желба на Ана да најде значење во врската преку јазикот е главната причина за растурањето на врската и за нејзините мисли за самоубиство. Кога Вронски отсуствува од неа неколку пати, преку јазикот Ана се обидува да најде причина за неговото отсуство. Ова ја води до тоа да користи повеќе јазик и до чувство на напуштеност. Напуштеноста не е само физичка, туку и лингвистичка, бидејќи јазикот не може да ѝ ја пренесе суштината на Реалното. Љубовната врска меѓу Ана и Вронски станува изобличена кога спекуларниот момент се придвижува во областа на телесниот свет, станува генитализиран и јазикот го презема. Во спекуларниот момент, сите желби се исполнети. Кога моментот станува сексуализиран, Другиот станува објект одделен од „јас“ и „логиката на желбата започнува да функционира, желбата за поседување се враќа“ (Barthes, 104).
Спекуларната интерсубјективност, во смисла на односот на субјектот во овој телесен свет е невозможност, бидејќи врската на човекот со Другото е базирана на конфликт. Вилијам Барет (William Barrett) објаснува: „За другиот човек, кој ме гледа однадвор, јас се чинам објект, предмет; мојата субјективност со својата внатрешна слобода го избегнува неговиот поглед. Затоа неговата тенденција е секогаш да ме претвори во објектот кој го гледа. Погледот на Другиот пенетрира во длабочините на моето постоење, го замрзнува и го стврднува. Ова, според Сартр, ја претвора љубовта, а особено сексуалната љубов во постојана тензија и војна. Љубовникот посакува да го поседува љубениот, но слободата од љубениот (кој е негова суштина) не може да се поседува; затоа, љубовникот сака да го редуцира љубениот на објект заради самото поседување (257). Васиолек (Wasiolek) доаѓа до сличен заклучок во своето размислување за врската на Ана и Вронски; „Природата на физичката страст е онаа која дејствува кон уништување на љубовта на Ана и Вронски, ги доведува до тоа да се мразат еден со друг, ја носи Ана до тоа да се мрази себеси, ја прави нивната врска сè поспектрална, ја нарушува комуникацијата меѓу нив, ги доведува во ситуација во која не можат отворено да разговараат меѓу себе, ги прави да избегнуваат одредени теми, и ги присилува да се опкружат со други луѓе за да го направат присуството на другиот поподносливо“ (153).
Во спекуларниот момент, нема можност за замена на Другиот со кој било Друг. Во телесниот свет и во светот на јазикот, оваа можност не е исклучена. За Вронски, Ана може да се замени со некој друг, таа е само жена. На почеток, Вронски мисли дека Ана го привлекува бидејќи за него таа е „благородната жена“. Неговата потреба за Ана исчезнува откако желбата да ја поседува сексуално е исполнета.

АвторЏорџ Митревски
2018-08-21T17:21:17+00:00 јуни 19th, 2007|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 54|