Бајки (извадоци)

Бајки (извадоци)

Проблематичната девојка
Што да се прави? [од претставата Tagann Godot / Годо се појавува]

Си беше еднаш еден човек и беше многу збунет.
Пребаруваше низ светските библиотеки и низ свитоците на писарите, но не најде одговор. И учеше кај мудри професори на знаењето во најдобрите научни установи, но не најде одговор. И постеше четириесет денови и ноќи и дури зеде малку мескалин за да ги отвори вратите на перцепцијата, но пак не го најде одговорот по кој копнееше.
Затоа реши да тргне на пат и да оди од врвот на светот до дното на светот за да види дали ќе сретне некого кој би можел да му одговори на прашањето.
И по патот сретна еден важен богаташ со кеси со пари под очите и со златни нишки во косата. И го праша благо и со соодветна пристојност, „Добар господине“, му рече, „Вие сте светски човек. Одите овде, онде и насекаде. Појадувате во Лондон а ручате во Монтевидео. Имате доволно пари да ја разбиете банката во Монте Карло или да сплеткарите со берзата. Ќе сакате ли да ми кажете, Ве молам, за што се работи, што е смислата на животот?“
И погледна во очите на богатиот и виде како во нив танцуваат парите.
И богатиот нему му рече онака како што би им рекол на своите потчинети: „Извини дечко. Бегај. Зафатен сум. Треба да купам уште една банка. А и прашањето ти е глупо.“
И кога замина, слушна како богаташот се смее, и неговата смеа му ја затресе земјата под нозете.
И потоа отиде во палатата на кралот. Кралот беше среде разгледувањето на една мапа под веѓите кои изгледаа како подвижни шуми. Ноктите му се извиваа како змејови врз абакусот додека ги броеше своите војници. И додека задоволно разгледуваше, неговото чело го доби обликот на неосвоена земја и забите му блеснаа како полирани штитови.
И човекот го праша со соодветна ласкавост но потполно искрено, „Ваша највредна и непроценлива екселенцијо“, рече, „Вие сте владетел на многу кралства. Вие им велите на луѓето да дојдат и тие идат, и да одат во војна и тие одат во војна. Нема човек кој не се поклонува пред Ваша моќ и величественост и не Ви ги извршува заповедите. Ве молам, Ве молам кажете ми, за што се работи, што е смислата на животот?“
И погледна во длабочините на очите на кралот и виде како во нив танцува моќта.
И кралот му рече со соодветна кралска нетрпеливост: „Оди си одовде, будало, додека не сум ти ја отсекол главата. Зарем не гледаш дека сум премногу зафатен со кревање споменици и поразување подли непријатели? А и прашањето ти е глупо.“
И кога замина од таму, можеше да го чуе кралот со своите дворјани како се смеат и нивната смеа одекнуваше како топот од копита врз калдрмата на патот.
И потоа отиде во Храмот. Главниот свештеник внатре се молеше со свиени колена. И човекот му се обрати и рече: „Ваша најдрага милост и врвна светост“, рече, „Вие сте ги прочитале сите теолошки книги и ракописни свитоци. Вие ги знаете житијата на светците и пророштвата на пророците. Вие секојдневно принесувате жртва и правите поклоненија. Постите и апстинирате. Ги чувате десетте заповеди, ги имате седумте дарови на светиот дух и изведувате врвни доблести. Ве молам, Ве молам кажете ми, за што се работи, што е смислата на животот?“
И длабоко се загледа во очите на Главниот свештеник и виде како во нив лудо танцуваат побожноста и светоста.
И Главниот свештеник му рече со авторитет: „Замини од мене пред да ги пуштам верниците на тебе. Зарем не виѓаваш дека премногу работа имам во обожувањето на Бога? Морам да подготвам прошки за гревовите светски. А и прашањето ти е глупо.“
И кога замина од таму со тажно срце, го слушна Главниот свештеник како се смее, и неговата смеа повлече надолу одеци од небото со боја на синоличка.
И надвор од Храмот виде мало момче како пита.
„Помогни ми“, рече момчето, „ништо не сум пиел три дена и умирам од жед.“
И кога човекот ја виде бедата на момчето, горко заплака. И наполни чашка со своите солзи и му ја даде на момчето и момчето ја испи и беше благодарно.
И сега јас ве прашувам, кој од овие луѓе стори најголема добрина, оние кои се смееја или човекот кој плачеше?

од англискиот превод на авторот, превел И. Исаковски

Од Four Front by Micheál Ó Conghaile, Pádraic Breathnach, Dara Ó Conaola and Alan Titley
Издание на Cló Iar-Chonnachta

АвторАлан Титли
2018-08-21T17:21:13+00:00 февруари 25th, 2008|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 58|