Да ја избањаа италијанските милосрдни капки древната Палестрина, и да не беше толку жешко, можеби срцето на Сендмен не би престанало, можеби децении подоцна во болнички кревет ќе го убиваше некој од сеприсутните ракови. Ама ќе дочекаше да види колку го сакаме албумот The Night и ние сите би ги имале албумите кои Морфин во меѓувреме би ги снимил. Не се осмелувам да размислувам за тие неможности.
Од лично искуство знам дека тројца е сосема доволно за магија. Ѝ се враќам на музиката. Баритон саксофон, тапани и слајд токму со две жици создаваат тага на која не се танцува. Таму каде што блузот заведува, џезот го создава Low Rock. Или Fuck Rock, како што велеше некогаш Сендмен.
И ноќта веќе не е мрачна, ниту исткаена од стравови, Ја исполнува потрагата, копнежот, танцовите чекори на неочекувани места. Поезијата, семоќната поезија. Да ја наречеме Лајла. Секој од нас има нешто по што трага, изгубен во бајките и во шумите на неочекуваното. Секој за себе и секому неговата Лајла. Одбирам мојот мрак да биде токму таква ноќ.