Vivez Sans Temps Mort

Vivez Sans Temps Mort

#13 Самоиздатот 3SD од Будај од 1981 година зборува за подготвуваната акција Три сончеви денови (3СД), која најпрво била официјално дозволена, но во последен момент била забранета. Требало да се случи во Медицинската градина во Братислава во мај 1980 година. Акцијата 3СД „се надоврзуваше на мајските настани со слична содржина (…) во 1978 и 1979 година. Стануваше збор за обиди – за улични форми на театар што ги „поддржуваше“ пантомимскиот театар Лавиринт (Ј. Будај, 3СД, второ издание, Братислава 1988, непагинирано). Мајскиот период беше во комунистичка Чехословачка период на најбурните државни прослави и задолжителни масовни прегледи (Ден на трудот, Ден на победата против фашизмот). Кореографијата на спектаклите на пролетните свечености ја отвораа организираните прослави на Февруарската победа, кои продолжуваа со Меѓународниот ден на жената, Месецот на книгата и т.н., а својот врв го доживуваа за време на мајските свечености, завршуваа приближно во почетокот на јуни со Меѓународниот ден на детето. За да можеше времето на нормализацијата да мине што понезабележливо, најголемите фолклорни свечености се совпаѓаа со периодот на најмасовните католички ходочастија.
Мајските активности на ПДИП можат да се доведат во сооднос со теоријата на Паул Тек, кој забележа дека јавноста го гледа литургискиот карактер на уметноста многу појасно за време на празниците. Тек мисли на христијанските празници, според кои и го замрзнувал времето на траење на своите инсталации, на пример, со Божиќниот период. ПДИП на Будај постоеше во идеолошки конструираното општество во кое марксизмот ја презеде врз себе улогата на религијата. ПДИП со своите мајски активности можеше да ја подвлече обредноста на системот чиј владејачки инструмент беше, согласно потребата, марксистичката филозофија и естетика.
#14 Акцијата Три сончеви денови требаше да поврзе неколку релативно изолирани дисидентски групи на уметници, театарски работници и еколози со цел „да ја создаде ситуацијата на контакт. Контакт меѓу јавноста и творештвото на малку познати и на некомфорни уметници (…) меѓу сите нив и еколози – контакт на јавноста со самата себеси. Тоа беше обид за создавање автентични јавни настани (…) Се покажа дека луѓето потсвесно постојано чекаат на оживувачкиот настан, дека им треба простор, каде што ќе можат да се отелотворат како народна маса. На крајот на краиштата, таму и не мора да се случува ништо посебно…“ (Ј. Будај, Исто, непаг.). Тука требаше да се одржуваат целодневни презентации и workshop-и на уметниците од Словачка, Чешка и Полска. Организацијата 3СД беше прописно проверена, но без разлика на тоа – беше укината. „По рушењето на акцијата 3СД започна цела историја чии вистински причини до денес останаа нејасни. Ние можевме да ги видиме само надворешните пројави; забавеноста и уништувањето на целиот тираж на Билтенот 3СД, забраната за работа на театарот Лавиринт, најпосле и забраната за работа на В-клубот и давањето отказ на професионалците, сослушувањата на актерите од 3СД, напорите за осудување на шефицата на Лавиринт на работното место итн.“ (Ј. Будај, Исто, непаг.). Во верзијата на самоиздатот на 3СД се роди нешто што може да се спореди со современите критички стремежи за контекстуализација на уметноста и со процесите на човечката и колективната меморија. Билтенот 3СД објавуваше разговори со уметниците-учесници, сценарија на непретставените ситуации, случки на авторите, нереализирани дела во тогашното време… Од планираниот workshop се роди отворен концепт на утописките настани.
#15 Здраво Европа!,
стана според Будај „врв на долгогодишните стремежи за поврзување на уметноста и нејзините граници со реалниот свет“. „По тротоарите на паркот трча актерот со заврзана уста и нос (преврзани со марама). По исцрпувањето на воздухот, кога веќе нема сили за трчање, ја истргнува марамата и длабоко се издишува. Неговиот потег не е никако документиран“ (Опис на акцијата за 3SD, Јан Будај, 1980). Колективната акција Здраво Европа! настана во соработка со Ладислав Снопко и Мартин Бутора во првите недели на Нежната револуција, на 10 декември 1989 година. Моментот на дефинитивно поместување на уметноста зад границата и неговото слевање со реалниот живот настана, кога 150.000 луѓе го реализира пешачкиот премин преку државната граница на Чехословачка, која беше конечно отворена по 40 години. Преминот низ железната завеса го застапуваше комунистичкиот режим, кој уште официјално ја застапуваше државата, означен во директниот пренос од митингот во Словачкиот народен театар. За брзата потреба од укинување на визите кон Чехословачка заседаваше австрискиот парламент по неколку дена. За патот до 40 километри оддалеченото австриско гратче Хаинбург се зборува како за Поздрав до Европа (учесниците на двата брега на Дунав можеа заемно да се поздрават); револуционерите потпишуваа (сè уште важечки) пасоши и лични карти. Тоа беше „Поход на разбирањето“ во духот на концепцијата на Нежната револуција и на револуционерното движење Јавност против насилството. Тоа беше револуција без употреба на насилство.

Vlna (výtvarná), 2009, č. 39. Текстот е во скратена форма објавен и во публикацијата Transforming 68/69 (Metropol Verlag, Berlin 2008)

Превод од словачки: Звонко Танески

АвторМира Кератова
2018-08-21T17:21:01+00:00 септември 8th, 2010|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 74|