Поезија – Д. А. Лори

/, Литература, Блесок бр. 149/Поезија – Д. А. Лори

Поезија – Д. А. Лори

Еден живот, една смрт
Ќе го чувам телото
Си молчам


Си молчам

Првиот ден кога ми кажаа дека те снемува
се собрав, станав густа и матна,
бев како крстозбор во кој
сите зборови ми беа непознати.

Првиот ден кога те немаше
напукнав, како зрела лубеница
во која зариваш нож и се дели на пола.
Се отворив, зрела бев за болка.

Првите четириесет дена траеја две години.
Те видов насмеан, зачешлан, расплакан,
во кал до коленици, качен на чатија, врзан за облак.
Меѓу мене и тебе, ни допир, ни глас.

Првите три месеци се довлечкаа
како црв по влажна земја.
Ти дојдов со војнички чекор,
си заминав како да газам по лизгави камења.
Она пламенчено од свеќата, кое се бореше со ветрот,
беше похрабро од мене.

Ќе те прашам нешто,
не мораш да ми одговориш.
Сигурен си дека си мртов?!

*
имам 20 години,
животот е прекрасно
комплициран и има вкус
на непроспиени ноќи
и страв од незнаење,
се ужаснувам од грешки,
посакувам да се разбудам
во времето без звук,
во времето кога сѐ
што денес постои
сѐ уште не се допрело,
сѐ уште не се судрило.
тишината смирува.

почнувам да ја насетувам
слободата од признавање
дека не знам,
дека грешам,
дека тоа не е
проблемот.

*
имам 39 години.
знаев дека еден ден
ќе те нема,
и дека нема да смеам
да те барам.
телото почнува
да ми реагира
на твоето отсуство,
душата се закопува
со главата во песок,
ми зборува на
нејзин јазик,
само со самогласки.
се прашувам што
да правам со ова
што ми недостигаш,
се тегне како црв,
скини го, пак прета
и мрда со сета стрв.
станувам и твое тело,
со болки, крцкави коски
и сочни пцости.
поминувам.

минатото е татнеж од
невреме кое го гледаш
во далечината,
се приближува,
и те одминува.

АвторД.А. Лори
2023-03-17T05:14:04+00:00 февруари 22nd, 2023|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 149|