Поезија – Богомил Ѓузел

/, Литература, Блесок бр. 137/Поезија – Богомил Ѓузел

Поезија – Богомил Ѓузел

Троја
Потоп во Интернационалната програма за пишување, Ајова Сити
Професионален поет
Пофалба на каменот
Пролет во апокалипса
Видение
Второ пришествие
Еретик Богомил
Отуѓен дома, задомен во туѓина
Рушејќи го ѕидот
Орелот на Прометеј
Остров на копно
По потопот, пак тие
Крај на векот


Видение

Ми рече главата на предокот што ја чувам во мусандра –

излези низ вратата на датумов

на провевот време

 

Излегов низ вратата на датумот

и низ многу други врати дати.

И видов –

 

Секира го урна небото што падна тапо

како згниен таван

и ѕвездите се разбегаа ко глувци

 

Луѓе-риби и луѓе-што-летаат

бегаа назад кон јајцето и пак се раѓаа

неколкуноги и многуокати

 

Жена една плетеше и од котелците

се множеа светови ко меури сапуница

кога ќе пукнат

 

капката слуз паѓаше бескрајно

Едно гигантско огледало ја престори ноќта ден

па се огледував во милиони

 

Вселената беше Гуливерски опинок

а времето се растегаше како армоника –

Одеднаш опната пукна

 

се најдов сам во темнина

внатре во глувиот тапан –

осушена глава од предок.

АвторБогомил Ѓузел
2021-06-02T19:51:42+00:00 мај 31st, 2021|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 137|