Мирно

cinema
мирно
Dub песна
прашањето на почетокот
Ајде

да се вратам среде старите прекалени дрвја
да го нацрпам езерото
да влезам уште еднаш во иста река
да ми бидат зборовите долги како миг
да биде бакнежот како студена вечер
што доаѓа по жежок ден
да ми биде тенот синоним за зелено
да ми капне потта по носот како солза
да дојдат повторно срни и зајаци
да узреат боровинките
да биде градот мал и пријатен плоштад
да биде засекогаш
да биде за понекогаш
да држи денес и утре
она што ќе го речеме
и во песните да има луѓе со имиња
да почека и цветот еднаш за промена
да не боцка тревата зелена по голите нозе
да ни израснат гради
да нема песната крај
да не се предомислува никој
и да биде морето ко небо
а небото како море
впечатоците како мала пријатна куќа
дрвјата да се густи гранките цврсти лисјето зелени
да бидеме сите тивки морнари
што полека ги вртиме педалите
и да има многу големи сенки
и само две сообраќајници
да сме сакани
и тоа промислено
малото да стане големо
да биде кожата напната како хорор филм
раката мирна како зајак
и окото полно со облаци.

2018-08-21T17:21:09+00:00 октомври 11th, 2008|Categories: Поезија, Блесок бр. 61-62|