Мирно

cinema
мирно
Dub песна
прашањето на почетокот
Ајде

најтешко е да се започне, без разлика дали нов ден или песна.
и денес ние што сакаме чај и сонце,
ние што денес не ебеме второ лице множина, денес започнавме рано.
саатот е 10:17 и низ чадот од цигарата посматрам околу себе.
ноншалантно како срна, како малку овенат цвет, како да спиеме уште малку.
од оваа положба и временска перспектива сè изгледа можно,
речиси нема нешто што ние запалените мрсулави монструми не би го направиле
ако се заземеме со душа и тело, и со чувство, with a feeling.
луѓето во оваа мала чајџилница муабетат придушено.
божем бранување се нивните гласови, божем ветер во вејките и црн ќос
што со ненадеен свиреж засекува во таа рамномерна и ритмичка
музика на дрвјата. горд како петел на црешата обложена со бели цветчиња.
таков жизнорадосен утрински вресок сосема поинаков од неговите тажни
и медитативни вечерни балади. денот е блед и старичок.
знам дека за ден-два ќе биде и полошо. небото ќе биде мрсулаво,
сиво-жолто и ќе паѓа дожд помешан со зрнца пустински песок.
зборувам и пишувам во боја. го гледам мевот гол и бел како млеко
што во обли каскади, меки божем обраснати со мов
се трупа над огромната метална шнола на кожниот ремен.
спроти мене седи девојче, можеби девојка со розови очила,
го мака тостот во црвен сос и го слуша татко си
кој и раскажува за пакистан, зборуваат и за урми и за стапчиња за уши.
велат, им се допаѓа мирисот на мојот тутун. седам така,брборам по нешто
и ми се чини дека чекам. нешто и некого. а нема никого. само висока жена
во долг мантил составен од безброј мали крзна на мали влакнести животни
се шета меѓу масите. месец април е, саатот е околу 10.33
и времето во сета своја потајна релативност не е никаков фактор.
мирисам на кожа, сонувам за свила.

2018-08-21T17:21:09+00:00 октомври 11th, 2008|Categories: Поезија, Блесок бр. 61-62|