Спиноза и Лао Це: Бог и Тао

/, Литература, Блесок бр. 128/Спиноза и Лао Це: Бог и Тао

Спиноза и Лао Це: Бог и Тао

„Збирка есеи од кинеската филозофија“ од д-р Александар Стаматов (АзБуки, 2019)

Вовед

Спиноза и Лао Це (Лаоѕи/Laozi老子) живееле во сосема различни места и времиња, нивните културни заднини се различни, но постојат некои сличности меѓу нивните филозофски гледишта. Овој текст ќе ги разгледа сличностите и разликите кај нивните метафизички учења, поточно ќе направи споредба меѓу гледиштето на Спиноза за супстанцијата, односно Бог и гледиштето на Лао Це за Тао (Дао/Dao道). Како што забележува современиот истражувач Фу Пеижонг (Fu Peirong傅佩榮1950-), извесни аспекти од филозофијата на Спиноза често биле споредувани со источната филозофија, но обично се занемарувала неговата филозофија во целост. Така, едно сериозно изучување на Спиноза не може а да не ја допре неговата теорија за супстанцијата или Бог 1. Може да се каже дека исто е и со Лао Це; ако не појдеме од неговиот концепт на Тао, не можеме да ги изучуваме другите негови филозофски теории. Она што е најважно е дека меѓу теориите на Спиноза за Бог и на Лао Це за Тао постои впечатлива сличност, која овој текст има намера да ја прикаже.

Текстов ќе се темели врз Спинозината Етика, дел 1, „За Бог“ и учењето на Лао Це запишано во Тао Те Чинг (Дао Де Џјинг/Dao De Jing/道德經, Книга за Патот и неговата Крепост). Прво, ќе дадам краток преглед на овие две дела, потоа ќе ги разгледам општите сличности и разлики меѓу Бог на Спиноза и Тао на Лао Це и на крајот, ќе се обидам со помош на три различни дијаграми, понатаму да ги разјаснам сличностите и разликите меѓу Бог и Тао.

Карактеристиките на делата на Спиноза и на Лао Це

Главното дело на Спиноза го носи насловот Етика, по што може да се заклучи дека тој сакал да создаде етичка теорија. Но, штом ќе отвориме на првата страница од книгата, ќе видиме дека првиот дел е насловен „За Бог“ и дека во овој дел тема е метафизиката. На прв поглед би изгледало дека насловот на книгата не одговара на нејзината содржина. Меѓутоа, целта на Спиноза била да започне со метафизика и да заврши со етика, или со други зборови, да ја употреби метафизиката како поткрепа на својата етика.

Слично на Етиката, првиот збор којшто ќе го видиме во Тао Те Чинг е метафизички концепт, имено Тао. Меѓутоа, Лао Це не изложува само метафизички проблеми, туку, исто така, ја користи метафизиката како основа за неговата практична филозофија, особено политичката филозофија. Всушност, целта на Лао Це не била само да изгради метафизика, туку слично на Спиноза, да ја заснова својата практична филозофија врз метафизиката.

Начинот на кој се пишувани двете дела е сосема различен. Спиноза употребува геометриски начин, т.е. употребува дефиниции, аксиоми и ставови при изложувањето на аргументите. Поточно, секој дел од книгата го започнува со дефиниции и аксиоми и од нив изведува ставови и додава докази и забелешки. Секоја дефиниција, аксиома, став се обележани со броеви. Така, Етиката е едно од најсистематичните филозофски дела во светот. Од друга страна, начинот на пишување на Тао Те Чинг е сосема спротивен. Тоа е крајно несистематично дело. Обично не постои поврзаност меѓу две последователни поглавја и понекогаш се чини како да е напишано во загатки. Ова го чини Тао Те Чинг едно од најтешко разбирливите филозофски дела во светот. Спиноза мошне јасно ја објаснува содржината на книгата, ја дели на пет дела и во секој дел зборува за одреден проблем. Тао Те Чинг, пак, нема строг систематски ред; често низ книгата може да се најдат расфрлани метафизички, етички, политички и други ставови.


1 Fu Pei-jung, „Spinoza and Lao Tzu” in Morality, Metaphysics and Chinese Culture, edited by Vincent Shen and Tran Van Doan (Washington D.C.: The Council for Research in Values and Philosophy, 1992), p, 55.

АвторАлександар Стаматов
ПреводМилан Дамјаноски
2019-10-21T20:11:00+00:00 октомври 1st, 2019|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 128|