Спиноза и Лао Це: Бог и Тао

/, Литература, Блесок бр. 128/Спиноза и Лао Це: Бог и Тао

Спиноза и Лао Це: Бог и Тао

Основни сличности и разлики меѓу Бог кај Спиноза и Тао кај Лао Це

Спиноза го користи изразот супстанција за да го опише начелото на постоењето на светот. Тој вели: „Под супстанција го подразбирам она што е во себе и се замислува преку себе; со други зборови, она за кое може да се создаде претстава независно од друга претстава“ (Е1, Д3) 2. Според Спиноза, ако сакаме да разбереме една ствар, мора прво да ја знаеме нејзината причина. „Знаењето на последицата зависи и го вклучува знаењето на причината“ (Е1, А4). Така, она што е во себе и се замислува преку себе не може да зависи од надворешна причина. „Под она што е самопричинето го подразбирам она чијашто суштина вклучува постоење, или она чијашто природа е замислива само како постоечка“ (Е1, Д1). Така, според Спиноза, може да се каже дека супстанцијата е самопричинета затоа што не може да се објасни со надворешна причина, туку може да се објасни само преку самата себе. Супстанцијата не зависи од ништо друго освен од себеси; нејзиното постоење, како и нејзините атрибути и модуси, не зависат од некоја причина надвор од самата супстанција. Затоа Спиноза вели дека суштината на супстанцијата вклучува постоење.

Од ова може да видиме дека „супстанцијата по природа е пред своите модификации“ (Е1, С1), односно дека секоја постоечка ствар зависи од супстанцијата, или супстанцијата е причина на стварите, додека самата супстанција не е последица на некоја друга ствар, туку е самопричинета, та по нужност бесконечна. Бидејќи ова е значењето на супстанцијата, може да има само една супстанција. За Спиноза, Бог е супстанција (Е1, Д6), па следствено, „покрај Бог, не може да се прифати или замисли друга супстанција“ (Е1, С14). Бидејќи супстанцијата нужно постои, така и Бог нужно постои. Ова може да се види од следниов став: „Бог, или супстанцијата, сочинета од бесконечни атрибути, од кои секој изразува вечна и бесконечна суштина, нужно постои“ (Е1, С11). Спиноза понатаму објаснува дека „ако се дозволи некоја друга супстанција освен Бог би требало да се објасни со некој атрибут на Бог, па така би постоеле две супстанции со истиот атрибут, што е бесмислено“ (Е1, С14, Доказ). Според тоа, постои само една супстанција и тоа е Бог, чија суштина вклучува постоење, која нужно постои со бесконечни атрибути и самата е бесконечна.

Овој вид опис на супстанцијата има сличности со описот на Лао Це на Тао:

Има Нешто неописно, а цело,
Родено пред Небото и Земјата да бидат.
Тивко и празно,
Самобитно и неменливо,
Неисцрпно сè опкружувајќи;
И може да се смета за Мајка на небото и земјата.
Не му го знам името,
Но го нарекувам Пат [Тао];
А штом морам, го нарекувам Велик (Гл. 25) 3.

Според Лао Це, може да кажеме дека Тао има значење на метафизичка супстанција; дека е пред сите ствари и е поткрепа на светот. Кога Лао Це вели дека „има нешто неописно, а цело“, ова „нешто“ укажува на супстанцијата. Лао Це, исто така, вели:

Патот [Тао] е Празност,
Ама полезноста му е неисцрпна;
Бездна е,
Како Предок на сите нешта

Длабина е,
Која така постои [вечно].
Не би можел да знам чие е Чедо,
Но изгледа како да е и пред Бога (Гл. 4).

Ако ги употребиме зборовите на Лао Це, може да кажеме дека супстанцијата на Спиноза има неисцрпна полезност, затоа што е бесконечна. Тао постои отсекогаш, не може да исчезне ниту да се истроши. Слично на супстанцијата на Спиноза, Тао е одговорен за постоењето на светот. Ова може да се види од горенаведеното дека Тао е „Мајка на небото и земјата“ и „Предок на сите нешта“. На друго место, Лао Це вели:

Патот [Тао] го раѓа Едното,
Едното ги раѓа Двете,
Двете ги раѓа Трите;
А од Трите родени се сите нешта (Гл. 42).

Згора на тоа, како што е кажано, супстанцијата на Спиноза не зависи од друга ствар за нејзиното постоење, туку сите ствари зависат од неа за нивното постоење. Слично на Спиноза, Лао Це вели:

Великиот Пат [Тао] насекаде броди,
Наваму или натаму.
Сите нешта зависат од него за својот живот,
И тој не ги отфрла (Гл. 34)  4.


2 Benedict de Spinoza, Ethics, translated by James Gutmann, (New York: Hafner Press, 1949). Преводот на цитатите е мој. Понатаму во текстот референците ќе бидат обележани во загради со тоа што Е1 = Етика, Дел 1, Д = Дефиниција, А = Аксиома и С = Став.
3 Сите цитати од Лао Це, освен ако не е поинаку назначено, се преземени од: Лао Це, Книга за Патот и неговата Крепост, превод Игор Радев (Скопје: Макавеј 2012).
4 Радев, модифицирано.

АвторАлександар Стаматов
ПреводМилан Дамјаноски
2019-10-21T20:11:00+00:00 октомври 1st, 2019|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 128|