Зборував за неизбежното враќање.
Тие ги чуваа своите утрински маски.
Небото откриваше милиони…
Улиците беа натопени:
дождовите обично наминуваат во ова време од годината.
Децата останаа поштедени
од празни насетувања и восхитувања.
Светот е изговорен во цитати
– не знам како поинаку.
За многу од неговите особености
ни сега нема соодветни зборови.
И покрај тоа, секоја појава е означена,
барем привремено, барем и погрешно.
Останав затекнат пред трагите на животот.
Тие и понатаму мислат дека има проколнати поети.
Никој од нив не помислува:
Смртта ќе го претвори во голем поет.