си играм со буквите како со ножеви
а – како астероид пред експлозија
у – како уста полна крв
м – како твојот млечно-бел тен
надвор децата си играат со џамлии
како со икри од одамна изумрени риби
ноќе тревите чекаат градот да заспие
за да нараснат преку мојата зграда
љубовта е најголемата кула од карти
и секој обид за бегство е безуспешен
заробен во сопствената соба од соништа
светлосни мантри повторувам
и некаде оддалеку едно око ми се приближува
погледнувам низ него и сé се гледа наопаку
ти задоволна излегуваш од својата фабрика за шапки
умилно насмевнувајќи му се на секој минувач
а јас проколнат не умеам да живеам поинаку
а јас проколнат не умеам да живеам поинаку
истрчувам надвор со копач во рацете
децата грижливо ги враќаат џамлиите в земја
и немо седнуваат по ридиштата
таа вечер цело време го чекавме ветрот
за да ги летаме змејовите
( 1993)