3. Магла
На Амир Ор
Маглата не може да ја развее ни клетва,
ни молитва. Тоа реката поти морничави утра.
Во очите го нема зракот што рие
и се насладува на секоја трепетна слика.
Нема кој да ти каже што е напред, а што назад.
Знаеш одамна да одиш, но чекориш потамина
во оваа средна земја: ни горна, ни долна.
Си мислиш: земјата што ја напуштив
беше поарна, нештата си имаа име на показ –
патиштата свои патокази, домот свои приказни.
Чекорот го мериш со препки врз голиот камен
во кој е врежана историјата на секој човечки пад.
Со кандило го бараш денот во себе
што ти коткаше одлучна мисла. Се кошкаш
самиот со себе и пелтечиш загубени птици
чиј продорен крик ја реже реско маглата
од оваа загадочна небесна пантомима.
Јамуна, Агра,
Индија, 2013