Поезија – Зоран Анчевски

/, Литература, Блесок бр. 124/Поезија – Зоран Анчевски

Поезија – Зоран Анчевски

1
2
Магла
4
5
6
Привид
Последниот поход
Поплака на стариот воин
Доаѓања – заминувања?


8. Последниот поход

Поаѓаш кон Елисеум
како кон лечебна бања.
Со секоја победа
си три чекори напред,
со секој пораз, еден чекор назад.

Го играш правото, страшно оро,
како стара мечка
врзана за синџирот на искушението,
сѐ дури божем вртимушка-дервиш,
„неподвижен двигател“,
не застанеш во една точка
кон која водат сите патишта на животот,
што совршенство се нарекува –
еднакво на апсолутна нула.

Си станал платен убиец на гревот:
сите Ахили, Хектори,
Дедали, Икари и Прометеи
се твоја подвижна мета
и по трагата им душкаш
со непоматена љубов.

Борбата со темната страна
на месечината продолжува,
со или без нечија помош.

Светлата страна ја чуваш
како неизвалкан спомен
за походот.

9. Поплакана стариот воин

(сонет во слободен стих)

Време е од мечовите да исковаме плугови,
од преживеаните фаланги да направиме орачи,
да засукаме ракави и за работа да се фатиме
што носи леб и пород, а не смрт и слава.

Да го оставиме лакот заспан, а плуг да стегнеме в рака,
не коњ да бодинаме, ами ѕевгар по бразда да тераме.
Не поснопица луѓе да правиме по полиња бојни,
туку по слогови родни снопје жито да врзуваме.

Само така благослов ќе сретнеме на широкиот пат
по кој треба да се тргне без делби и празни фалби
кога светлината изгрева една за сите, се шири
и брзга ко шурка брашно под каменот мелнички.

Земјата ја помни крвта што ја тера во плач да се гуши,
но со радост го чека ралото, за песна да ѝ отвори душа.

АвторЗоран Анчевски
ПреводЗоран Анчевски
2019-04-16T10:33:39+00:00 март 30th, 2019|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 124|Tags: |