7. Привид
(сонет во слободен стих)
Нема поголема лага од онаа
што ни ја принесува планината на есен.
Ни говори бавно за пролетните желби,
а нѐ спрема за зимски сон и заборав:
бара да се откажеме од гладта
во нашиот прв чекор по снагата нејзина.
Ја замачкува сопствената палета од бои
со матни потоци и кални патеки.
Сака да нѐ лизне, нѐ тера на покорност
како развеано бело знаме на ветерот.
Ни ги поместува стрелките
на часовникот еден живот нанапред
и ни шепоти дека тука сме одвај присутни,
дека речиси нѐ нема,
дека нѐ нема.