Шиндлеров лифт

Шиндлеров лифт

Втора глава

 

Кога почнаа да се вселуваат во Црвениот солитер, во Приједор, рано напролет во 1975 година, цела сурија деца вревеше по ливадите меѓу двата солитера, двете руднички градби. Правеа снешко висок четири метра, од валканите остатоци на снегот.

Пет години подоцна, по смртта на Тито, еднаш правеа Тито од картон (имитација на оној Тито што го беа виделе на екскурзија во Кумровец) и сите по ред добија родителски ќотек. Тито беше од картон, излепен, ветрот брзо го однесе и падна во бавчата на Таиб, веднаш до солитерот.

Таиб, се чини, отсекогаш беше сам и стар. Куќарката со бавчата не ја продаваше за ништо. Веднаш до куќата му градеа солитер и сакаа да му платат да се исели и да ја сруши куќичката, ама Таиб не сакаше ни да чуе. Девојчето, ќерката, со кола му ја уби првиот комшија Хамдија Куртовиќ, сопственик на автомеханичарска работилница спроти куќарката на Таиб. Ненамерно, дестина метри понатаму.

Таиб, значи, не даваше да се сруши куќарката и да си замине од местото на погибелта на своето дете. Со Хамдија не зборуваше, иако Хамдија неколкупати му доаѓаше на врата. Не му ни отвори.

И сите го жалеа тој несреќен, подгрбавен Таиб. И жена му умре од тага по детето, а самиот Таиб, со куќарката и со јаболкницата пред неа, потона во самотија, како во матна вода. Работеше по цели денови во бавчата и оттаму гледаше како на Хамдија Куртовиќ му расте синот Амир.

Тито од картон се распаѓаше под јаболкницата на Таиб.

Тогаш, пред војната, синот на Хамдија Амир го уби инфаркт во дваесет и осмата година од животот, среде кафуле.

Не знам дали Таиб си помисли – Хамдија Куртовиќ, сега сме квит. Не ќе да помислил.

Во првите денови по војната, некоја ноќ упаднале маскирани заднински арамии, го задавиле Хамдија Куртовиќ и жена му и ја опљачкале автомеханичарската работилница. Таиба не го чепнале, веднаш отспротива, иако би било тешко да се каже дека не знаеле оти внатре има Бошњак – ќе да мислеле дека внатре има сиромашен Бошњак, што не вреди ни да се убие.

Таиб бил зад пердето. Треперел. Мислел. Мислел и клањал, ама не знаел како, заборавил, на Бога не му се беше обраќал од смртта на детето.

Ги отепаа, ги отепаа, си повторувал во себе. Го најдоа по десет дена.

Свиткан, како да сакал да клања, ама се насадил мртов на глава и останал така. Така Таиб не стигна да разбере дека Хамдија Куртовиќ и жена му ги убил полицаецот, од увидот некогаш одамна на девојчето што го убила колата.

Сега ја има само гнилата јаболкница.

Добро замислен поглед во неа би го подигнал и картонскиот Тито до неа согниен.

А можеби тој и го држи Црвениот солитер да не падне во бавчата на Таиб, сега и бескуќна, бездетна и празна.

АвторДарко Цвијетиќ
2021-08-17T22:08:23+00:00 август 15th, 2021|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 138 - 139|