Шиндлеров лифт

Шиндлеров лифт

Трета глава

 

            Сите рано доселени се сеќаваат на првомајските излети и на блех капелата на љубиските рудари, која во рудничкиот автобус ја довезуваа пред Црвениот и Синиот солитер, па во чест на Празникот на трудот свиреа чекорници, Интернационалата, партизански и работинички песни рано в зори, будејќи ја работничката класа.

И комшиите слегуваа, носеа ракија и колачи, пееја заедно прегрнати пред да одат до излетничките места во околината на градот. Така некогаш.

Вака сега:

В зори ќе засечат за Бадник. Па пред Божиќ со трактор ќе ги донесат дабовите гранки. И народот ќе слезе од зградата, да пее ојкачи, да пали оган и да вари чорба, да пука и да пие ракија во чест на раѓањето на Спасителот.

А сите ги чува петнаесетина метри оддалечена полициска марица, во која седат петмина вооружени специјалци, припадници на антитерористичката единица. Во солитерот сега живеат пет бошњачки семејства и петте специјалци најверојатно од нив го чуваат Бадник, на Исус за роденден.

 

Четврта глава

 

Адeм Ќордиќ живееше со семејството прво на четвртиот, а потоа на деветтиот кат. Инженер во рудникот, татко на две ќеркички, ведар, мирен човек, резервен старешина на ЈНА.

Оној ден која војната влезе во солитерот 101 (наречен Црвен солитер), Адема српските војници што го претресуваа солитерот го убија во фотелјата на деветтиот кат. Му ја нашле униформата (па што требало да најдат – балетска опрема на резервна балерина?) и со рафал го  пресекле така седнат. Го извлекле со лифтот (марка Шиндлер), го влечеле преку улицата како пес што остава крвави траги и го оставиле во бавчата на Таиб.

Кој сè не живееше во станот на семејството Ќордиќ оттогаш.

А потоа, на почетокот од дваесет и првиот век, во тој стан се всели покриена жена, го купи станот со кеш. Целата покриена, муслиманка, само процеп за очите, сама.

Сите во солитераот ја избегнуваат, ѝ шепотат зад грб, се плашат, никој не смее со неа во лифтот (марка Шиндлер). Еднаш дојде поштарот.

Го праша комшијата Илија Средиќ од седмиот кат, знае ли каде живее сега Адeм Ќордиќ?

А што ќе ти е, добога, возврати со прашање Илија Средиќ, новинар на рудничкиот интерен весник.

„Има судска опомена, не плаќал, и тоа богами со години, данок за земјата“, мирно му вели поштарот.

А знаеш ли ти, човеку, му рече Илија на поштарот, дека Адем несреќниот Ќордиќ е убиен во логорот Омарска и никогаш коските в земја не му се најдени?

Поштарот отпрво молчел, можеби и некоја минута подолго од обично:

А ти Илија, сигурен ли си, му вели со шепот, дека онаа покриена жена од деветтиот кат, во некогашниот стан на Адем – не е тој?

„Данок на земја си е данок на земја, дури и да си сè уште во неа ненајден.“

АвторДарко Цвијетиќ
2021-08-17T22:08:23+00:00 август 15th, 2021|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 138 - 139|