Шиндлеров лифт

Шиндлеров лифт

Петта глава

 

            И Буцо и Тица паднаа од Црвениот солитер. Ниеден не сакаше да се убие. И двајцата паднаа на бетонот пред прозорецот на Таиб, од тн. страна „Б“ на зградата.

Тица (Давор Миљевиќ) падна од седмиот кат, а Буцо (Владо Ќуриќ) од шестиот кат.

И двајцата паднаа на сосема исто место. За десет сантиметри, буквално на истото место. Со оддалеченост од десет години. Тица од седмиот падна во 1993 година, а Буцо од шестиот во 2003 година. Балкон над балкон.

И двајцата беа работнички деца. Стариот на Буцо чиновник во управата на рудникот, а оној на Тица врвен мајстор на багерите Катерпилар.

Пред војната Буцо беше автобуски кондуктер, Тица се обидуваше нешто во Белград и на крај се врати во Приједор.

Во некоја алкохолна авантура најдобриот другар го удри со кола и со недели беше во кома во Бања Лука.

Излезе, во војна. Едвај жив, никогаш трезен.

На ниедна војска не ѝ требаше, никој не го викаше. Се влечеше околу зградата, пијан, тежок инвалид и шепотлив.

Тица падна од седмиот. Тица. Никогаш не разбрав зошто го викаа така, денеска веројатно не е ни важно.

Дали е од „птица“ – не знам, ама Давор не можеше да ја разбере војната, не можеше да разбере толкави и толку бесмислени убивања, тој, кој толку бесмислено ќе загине.

Беше Икар, беше пијан, в зори наместо кон клозетот свртел кон балконот, сакал да моча, како во Киклоп од Мештар Маринковиќ. Едноставно се превртел, преку оградата. И паднал. На Таиб под прозорчето. На место останал мртов. Тица, врапчето од седмиот, доброто момче со скршен врат.

Буго ја бојадисувал оградата. На шестиот кат, 2003-та.

Отсекогаш Буцо се зезаше дека како момче паднал од зграда во Љубија. Никој не веруваше дека останал жив. А тој станал, само раката ја скршил. Немој ти мене да ми веруваш, јас од зграда имам паднато, така Буцо си играше со зборови.

Сè додека не падна од зградата. Ама од многу повисока зграда. Од Црвениот солитер. (Црвен од крв, црвен од цигли).

Бојадисувајќи ја оградата на балконот седел на гајба за пиво. Во еден момент станал и се наведнал, со четката да ја дофати надворешната страна. Потоа, без глас, паднал на бетонот, од шестиот кат, на истото место на кое беше паднал Тица.

Му паѓаа така на Таиб под прозорец, на истото место, во десет сантиметри, во десет години, две локви крв, два леѓена.

На тоа место момците, пред војната, играа на мали голчиња.

Бајрамовиќ, Сејфин, багерист од Омарска, беше голман, а од тоа место му шутираа пенали.

АвторДарко Цвијетиќ
2021-08-17T22:08:23+00:00 август 15th, 2021|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 138 - 139|