ЦРВЕНКАПА

ЦРВЕНКАПА

Медена торта!

Мајка му се насмевнуваше и му кимнуваше со главата. Капките дожд прскаа по стаклото од прозорецот, а неговото срце чукаше во ритамот со чиста радост.

Помогни ми, му велеше мајка му.

Да, мамо.

Бројаницата ја оставаше  на масата, а таа му покажуваше како да го земе тестото, како да го расука и да го замеси. Ги зариваше прстите во мекото тесто и почнуваше да го тркала по набрашнетата површина. Беше чудно, но сепак, на некој начин беше пријатно. Мајка му му се насмевнуваше и тој беше горд што е веќе доволно голем за да ѝ помага.

Сега оди да си ги измиеш рацете.

Тој се симнуваше од клупата и одеше во бањата. Слушаше како влезната врата се отвара. Погледнуваше низ празнината од вратата и го гледаше работ на наметката, од која паѓаа капки дожд.

Ја слушаше мајка му, која велеше: Остави ме на мира, што ти е?!

Потоа слушаше машки глас, кој велеше: Сите знаат што правиш!!! Сите зборуваат за тебе!!

Ја гледаше мајка си како истрчува од куќата и го гледаше капутот што се виореше зад неа.

Курво!, се слушаше од дворот.

Ја отвораше вратата од бањата и истрчуваше во спалната соба. Се вовлекуваше под креветот и ги затвораше очите. По некое време вратата од собата силно се затвораше, нешто тешко се струполуваше на креветот над него. Го сопираше здивот.

Остави ме!!!

Курво, курво, курво!!!

Плиткото дишење и гласот на мајка му што вика: Престани, престани, те молам!

Креветот почнуваше да чкрипи, слушаше бревтање и неговата мајка почна да вреска. Нејзините крици го исполнија просторот. Потоа одеднаш сѐ замолкна. Го слушаше силното чукање на своето срце, стравот целосно го парализира. Нешто почна да капе по неговото чело. Долго време лежеше под креветот, не се осмелуваше да се помрдне, не се осмелуваше да дише. Креветот уште еднаш крцна, виде нозе што зачекорија по подот и продолжија да чекорат кон вратата што се отвори и потоа затвори. Кога помисли дека поминало доволно време, излезе од под креветот. Тој што лежеше на креветот повеќе не беше неговата мајка. Истрча надвор.

Солзите му течеа по лицето и му се слеваа во устата заедно со крвта. Со рацете ги истурка лисјата и трчаше низ темнината. Гранките под неговите нозе пукаа, а оние што беа високо го гребеа по лицето. Чукањето на срцето го чувствуваше на вратот и мислеше дека ќе му пукнат вените на вратот. Вкусот на бакракот му се спушти во гркланот, исплука крв. Одеднаш нешто му се завитка околу ногата, го повлече надолу и почувствува болка во коленото. Ја подаде раката и го почувствува коренот на дрвото и мовта. Не смееше да вика, тивко, тивко, тивко, одѕвонуваше во неговиот мозок, а неговата свест ја напаѓаа илјадници слики што не сакаше да ги гледа. Сликите што ги гледаше пред себе го стегаа за вратот и го задушуваа, креветот над него уште крцкаше, а крвта му капеше по лицето и му ја топеше косата. Стравот го парализираше и целосно му ги намалуваше белите дробови. Одеднаш слушна бревтање. Ги затвори очите, по нозете му течеше млаз урина. Низ облаците се појави месечината и месечевата светлина ги осветли лисјата на бодликавите грмушки. Нешто топло ја допре неговата кожа. Се сврте и уште пред да вресне, неговото тело падна на земја. Вкусот на бакрак го замени вкусот на влажната земја.

АвторИрена Светек
2023-10-01T12:30:16+00:00 септември 9th, 2023|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 151|