ЦРВЕНКАПА

ЦРВЕНКАПА

            Анатолије Лазаревиќ во неговите светли очи виде тага. Длабока жалост што зад себе остава лузни.

            Исповедта е исцелителна, синко.

            Човекот одмавна со главата, а шалот му се лизна од лицето. Гримасите на образите беа нежни, во целосна спротивност од продорните очи. Брзо си го намести шалот и си го повлече високо преку носот. Анатолије Лазаревиќ ја крена раката и ја стави на неговото рамо. Нивните погледи се сретнаа и останаа да висат на студениот, ноемвриски воздух. Тишината лебдеше меѓу нив, раката на Анатолије се лизна по рамото на новодојденецот.

            Ова што ќе го прочитате… рече непознатиот, да остане меѓу вас и Бога.

            Од џебот извади сребрено синџирче со мал медалјон. Го отвори, а Анатолије Лазаревиќ го препозна светецот на малата слика.

            Свети Пантелејмон.

            Вие ми го дадовте, не се сеќавате, оче?

            Стариот поп го крена погледот кон странецот. Низ неговиот мозок се слизна сеќавањето и одеднаш знаеше која е личноста што стоеше пред него. Го полазија морници низ телото. Човекот ја испружи раката и приврзок со медалјонот го стави во дланката на попот. Анатолије ја отвори устата за да рече нешто, но дојденецот се заврте и си замина. Гледаше во неговиот грб што се оддалечуваше, кога почувствува нешто влажно на носот. Ја крена главата и погледна во небото. Низ воздухот почнаа да се вртат ситните снегулки. Вдиша, белите дробови го болеа од воздухот. Се врати во црквата Свети Ѓорѓија и зад себе ја затвори вратата. Во внатрешноста воздухот беше ладен, сега студот му навлезе во коски. Се доближи до светата вода и во неа ги навлажни трите прсти. Се прекрсти.

            Свети Боже, дај ми сила и моќ. Амин.

            Седна на една од клупите, ја отвори тетратката и почна да чита.

1973

Долно Романовце, Србија

            Куќата, во која живееја Снежана Радојковиќ и нејзиниот син, се наоѓаше покрај старите гробишта зад главната улица, што се спушташе по ридот заедно со Романовата река. Гробиштата имаа многу надгробни споменици, за кои никој не се грижеше, некои беа урнати, а некои целосно обраснати. И двајцата секогаш се плашеа кога одеа одеа по скратениот пат покрај гробовите кај соседот Живко по млеко. Синот силно ја стегаше раката на мајка си и се обидуваше да ги држи очите затворени, за да не ги гледа обраснатите камења и крстови, кои се молеа од земјата.

            Ајде, де, не биди толку плашлив, му рече мајка му и забрзувајќи го чекорот, а тој се обидуваше да не ги гледа црно-белите лица, кој зјапаа во него од сите страни.

            Најмногу се плашеше од стариот човек со долги мустаќи и брада. Неговиот поглед го чувствуваше на грбот, се зариваше во него на грбот и го следеше до крајот на патот. Дури кога се вратија дома, повторно се почувствува безбедно.

            Го немаше запознаено својот татко, умрел уште пред да се роди. Неговата мајка му има речено дека така е подобро, бидејќи Љубиша Радојковиќ бил лош човек. Сѐ што останало од нив беше големата црно-бела фотографија на ѕидот во кујната, на која беа неговиот татко Љубиша и неговиот брат Рајко. Стоеја под високиот орев во градината и сериозно гледаа некаде пред себе. Чичко му Рајко живееше во куќата малку погоре, покрај шумата. Мајка му му рече дека тој е ист како неговиот брат.

            Кога надвор врнеше дожд, ползеше по клупата под прозорецот и си играше со бројаницата. Со прстите ги допираше дрвените топчиња, ги поврзуваше во круг и ги стискаше во дланката, а неговата мајка во голем сад замесуваше брашно и шеќер, додаваше мармалад, јајце, млеко и мед.

            Лале, дали знаеш што правам? Тој одмавнуваше со главата. Тоа што најмногу го сакаш.

АвторИрена Светек
2023-10-01T12:30:16+00:00 септември 9th, 2023|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 151|