ЦРВЕНКАПА

ЦРВЕНКАПА

            Тој ден богослужбата во малата црква Свети Ѓорѓија во Сурдулица беше прилично посетена. Анатолије Лазаревиќ застана пред влезот на црквата и се ракуваше со верниците. Беше уморен и го болеше грбот. Помисли на тоа дека треба да прави вежби за истегнување, како што му препорача докторот, но размислувањето за тоа го одложуваше веќе неколку дена. Во март ќе наполни шеесет и девет години и секојдневната состојба на нозе не помагаше ништо да ја ублажи болката што ја чувствуваше во долниот дел од грбот. Со раката посегна кон последниот верник, кој ја напушти црквата.

            Господ да го благослови секој чекор во твојот живот.

            Се зборуваше дека на луѓето им дава спокојство и мир и поради тоа тие му се благодарни. Еден љубезен збор помага да се исчисти душата, си помисли тој, и Бог знае дека во овие времиња има многу души на кои им е потребна помош.

            Секое добро, оче, рече човекот пред него.

            Му се насмевна и кимна со главата кон него.

            Бог да те благослови.  

            Човекот му кимна со главата и се симна по скалите.

            Тој гледаше во луѓето кои полека се оддалечуваа од црквата. Надвор беше ладно, температурата се спушти под нулата. Метеролозите предвидуваа дека ќе падне снег. Тој веќе сакаше да се сврти, кога забележа дека некој го набљудува. Стоеше малку подалеку и зјапаше во него. На главата имаше капа, околу вратот имаше шал, кој му ги покриваше устата и носот, му се гледаа само очите. Нивните погледи се сретнаа и човекот ја крена раката кон него. Анатолије Лазаревиќ му кимна со главата, здивот што го издиша пред лицето му трепереше во вид на бели облачиња.

            Добар ден, рече човекот и застана пред него.

            Во неговиот поглед почувствува грижа на совест. По многу години искуство на исповеди, знаеше веднаш да ги препознае.

            Добар ден. Како да ви помогнам?

            Човекот се загледа во попот. Неговите очи беа светли, сјајот во нив блескаше како одраз од површината на водата.

            Мене повеќе никој не може да ми помогне.

            Господ на сите им помага, синко. Треба само да го молите за милост.

            Човекот му ја подаде раката. Анатолије Лазаревиќ забележа дека држи тетратка.

            Ова е за вас.

            Анатолије ја зеде тетратката.

            За мене?, го праша и повторно се загледа во очите на човекот.

            Тој го тргна погледот.

            Прочитајте, оче. Ве молам.

            Анатолије Лазаревиќ почувствува каење, како да се отворија порите на кожата на странецот и испуштија траги од непријатни емоции во воздухот.

            Дали би сакале да влезете со мене во црквата?

            Човекот ја крена главата.

            Фала, оче, но за мене е предоцна.

АвторИрена Светек
2023-10-01T12:30:16+00:00 септември 9th, 2023|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 151|