Хаикот на танчарката

/, Литература, Блесок бр. 63/Хаикот на танчарката

Хаикот на танчарката

* * *

Таа има друг маж во очите. Таа заборава на своите должности. Отсутна е кога разговара со мене. Ќе морам повторно да убивам. За да ја задржам, за да биде само моја. Ја откупив од Црквата, јас ги исполнив своите обврски! Сега ќе го преселам мојот народ на место каде што ќе бидеме побезбедни од дивите орди што надоаѓаат. Потоа ќе ја расчистам таа валкана работа. Ми раскажуваат за некој калуѓер со чудни очи. Можеби е тој. Ох, Јасусе, причекај и ќе видиш!

* * *

Јас знам дека тие ме набљудуваат. Очите на Јасус се насекаде. Мислам дека ме пикна до Кралот за да го набљудувам. Не сакам да ја гледам кога е до него. Тогаш таа не ме забележува.

* * *

Жарот што тлее во неговите гради ми ја распалува крвта. Тој е како заслепен. Очите му болскотат. Би направил ли грев за мене? … Не само тоа, тој би ме земал пред очите на мојот маж, кога само би го погледнала.

* * *

„Имаш ли ти чудни очи?“, ме праша додека јас ги собирав своите ученици. Го сведнав погледот за да не ме види гневен, за да не го предупредам, за да не може да се одбрани кога некогаш ќе го нападнам. „Моите очи се очи на Ваш покорен слуга, Господару!“, реков и моите ученици ги сведнаа погледите кон неговите стапала.

* * *

Колонава е долга како мојот копнеж по неа.

* * *

Тој постојано се обѕрнува кон крајот, кон својот учител. Само да го пронајдам тоа место! Ќе се населиме, ќе се заштитиме, и веќе нема да имам потреба од него. Ќе го погубам пред нејзините очи! Овој младич крај мене ќе може да ги преземе неговите обврски.
– Текле?
– Да, Господару?
– Дали му веруваш на твојот Јасус?
– Да Господару, тој е мојот учител.
– Дали му веруваш на коњот што те носи кон нашиот нов дом, Текле?
– Не, Господару. Коњот не знае каде да оди ако јас не му покажам.

* * *

Како да се сомнева во нешто. Како мене да ме искушува. Не би смеел да признаам дека не му верувам на Великиот Јасус, дури и кога би било така. Морам да останам жив, за да ѝ бидам блиску, за да чујам кога ќе ме повика. Не знам зошто ме праша за коњот.

* * *

Гледам во неговиот тил. Кожата му е црна и затегната од сонцето. Кога мојот маж би умрел, кога сега би се струполил од коњот, кој би бил крал? Грозниот Јасус Моа, или ќе чекаат да се породам? Но, јас не носам плод во мојата утроба. Јас не сакам негово дете.

* * *

„Јекуно“, ми рече татко ми на умирање, „не заборавај дека ти си принц!“. Никогаш немој да го забораваш тоа, ти, синко мој, ти, Јекуно Амлак, ти, Принцу на Амхара. Слушам како песокот шумоли под коњските копита. Гласот на татко ми е насекаде наоколу. Пријатно е што само јас го слушам. Моите луѓе се уморни.

* * *

Ми кажуваа за некое големо езеро. Можеби таму ќе се населиме. Луѓето се уморни. Коњите одат побавно. Можеби ќе треба да застанеме, да им дадам здив.
Коњ во кас наближува кон мене. Кој е тоа, Текле?
– Доаѓа Принцот од Амхара, Господару.
– Би сакал да застанеме, кралу. Моите луѓе се уморни.
– Ќе застанеме, набргу. Пред нас би требало да се појави езеро.

* * *

Езерото е пред нас. Мириса. Морам да најдам начин да се засолнам од неговата моќ. Ако решил да се населиме тука, јас ќе продолжам понатаму. Мојот Бог ќе ми го покаже патот.

* * *

Ги чувствувам нејзините очи на мојот грб. Таа не е… Таа не е рамнодушна. Треба да ја грабнам и да избегаме… Да го напуштам Учителот, и Кралот, и мојот народ… Чуму ми е народ ако неа ја немам… Сонцето е силно како мојата љубов.

* * *

Ми велеше дека сум принц во секој погоден момент. Како да се плашеше дека јас можеби ќе заборавам на тоа. Но, никогаш не би заборавил на тоа, зашто секој мој здив е здив на принц. Моите луѓе се само мои луѓе. Ќе ги населам онаму каде што ќе биде најдобро.

* * *

Тој не изгледаше изненаден кога Принцот од Амхара му рече дека сака да остане. Му рече дека може да си ги задржи луѓето, ако му остане верен поданик. Неговото лице беше како студен камен кога Принцот рече дека ќе ги задржи сите свои луѓе.
Грозниот Моа му се доближи, нешто му мемолеше во увото. Номадот погледна кон Текле, и се насмевна. Во мугрите, ние продолживме напред.

* * *

Морав да го оставам да остане. Ако се спротивстави еднаш, ќе се спротивставува секогаш. Подобро е да биде што е можно подалеку од мене. Ќе биде лесен плен за дивите орди што доаѓаат. Ќе ги ослабне нивните сили, ќе ми ја олесни работата.
Јасус се измолкна. Тој знае повеќе отколку што јас можев да претпоставам дека знае. Кога подобро ќе размислам, беше умно од негова страна што реши да се откаже од неа и да си го задржи животот. Младичот ќе ја продолжи неговата работа.

* * *

Сега сум свој господар, татко, сега сум господар на своите луѓе. Брегот на ова езеро е нашиот нов дом. Биди уште со мене. Јас почнувам одново.

* * *

– Му веруваш ли на хоризонтот, Текле?
– Да, Господару.

* * *

Отсуството на Јасус Моа ме ослободува. Би сакала да стигнеме, би сакала веќе еднаш да застанеме. Сакам прозорец под којшто тој ќе поминува. Сакам свод каде што ластовиците ќе ги свиваат своите гнезда.

* * *

„И местово нека се вика Дебре Егзиабехер, и овде нека се слави името Негово!“ ни рече свештеникот Јасус Моа тоа утро. И луѓето почнаа да градат. И јас реков „Да се слави името Негово!“. Мојот народ имаше нова земја, мојот народ се здоби со нова верба. И јас знаев дека ќе го водам дури и кога мене ќе ме нема.

2018-08-21T17:21:09+00:00 декември 29th, 2008|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 63|