Хаикот на танчарката

/, Литература, Блесок бр. 63/Хаикот на танчарката

Хаикот на танчарката

* * *

Ткајачот се вљуби во една девојка. Не е важно како изгледа девојката и кои се нејзините доблести, ниту е важно како се случила целата работа; важно е дека љубовта го облагороди ткајачот и кај него се јавија неколку манифестации на тоа чувство: Како прво, не беше толку совесен во ткаењето, што повлекуваше грешки во хаиците. Ова пак, донесе прекорни погледи од семејството, пред сè од татко му, но ако е љубовта слепа, тогаш е слепа за прекорите од околината. Како второ, на кое првото беше донекаде последица, ткајачот сè почесто го гледаше ликот на девојката во оној хаик што во тој момент го ткаеше, и тој лик беше единствен медиум за комуникација. Во ликот беа и очите на девојката, но душата во нив како постојано да се измолкнуваше од пред очите на ткајачот. Така, тој гледаше во дел од нејзиното тело, копнеејќи по целината на нејзината душа. Некои велат дека копнежот е една од работите што нè туркаат напред. Ткајачот работеше трпеливо, но сè повеќе механички, и гледаше во очите на девојката пред себе. Одеше кај реката, но се чинеше дека реката веќе не го плаши. Чувствуваше како да стои пред големо, мирно езеро. Влегуваше во реката, ништо не се случуваше, ништо не се менуваше. Се исплаши дека ги загубил приказните, но кога почна самиот на себе да си ги раскажува разбра дека сè е тука, и дека мислата му е почиста од кога и да е. Помисли дека сега, конечно, би можел да исткае хаик од зборови, но збунето ја отфрли таа мисла во брановите на реката.
Ткаеше трпеливо, сè повеќе запаѓаше во некое мртвило, и дури престана да размислува околу светоста на создавањето. Гледаше во тие очи. Кога конечно успеа да го види првиот жар во нив, нешто се смени. Како да му беше требал поттик од некоја друга страна. Како да не беше бил способен самиот да ја извади магијата од себе. Тоа го растревожи. Посака никогаш веќе да не се соочи со таков сомнеж. Некои велат дека сомнежот е патоказ кон Вистината. Ткајачот сакаше да знае дека сè што направил е потполно негов плод. Ова го збуни. Нешто го тераше да седне и да се зафати со работа онака како што треба, но ете, тој момент кога сфати дека може да биде зависен од некоја друга личност силно пламтеше во него и му се чинеше дека е растргнат на многу страни. Сепак, седна и почна да работи. Можеби чувствуваше некаква обврска спрема создавањето. Приказните излетуваа од него, но рацете не можеа да ја следат таа поплава. Во хаикот од зборови се мешаа настани, и се чинеше дека сè е испревртено. Недостасуваа цели реченици, и на ткајачот му беше јасно дека никој нема да успее да ги прочита неговите приказни онакви какви што се. Сепак, нешто не му даваше да ткае побавно. Му се чинеше дека колку што побргу ќе заврши со тој хаик, толку побргу ќе ја сретне девојката. Таа мисла, се разбира, нема многу врска со логиката; вљубениот логиката ја отфрла како нешто што е понекогаш привлечно но секогаш е наполно бесполезно. Тој почна сосема да верува дека ќе ја види по завршетокот на ткаењето, дотолку повеќе што нејзините очи не го испуштаа од вид. Понекогаш мислеше дека ја слуша како пее, и тоа толку силно го гореше во утробата што мораше да се обиде да избега од сето тоа. Се разбира дека не му успеа. Никому не му успеало. Нејзините песни почнаа да го повикуваат од најдлабоките агли на ноќта, и сонот му стана лош и испрекинат. Сонуваше дека сади цвеќе за неа, но како некој постојано да го крадеше секој распупен цвет, и тој мораше да почнува одново и одново, како во совршен бескраен круг. Никако не успеваше да набере од цвеќето, никако да ѝ го подари. Кога ќе ги отвореше очите, мугрите доаѓаа од реката, и тој седнуваше да работи. Иташе кон крајот, со чувство дека на двогрба камила галопира низ пеколна пустина. Иташе речиси наслепо, понекогаш помислуваше дека во брзањето не видел некоја оаза, но се тешеше дека ќе ја види следната. Но, никако ништо не виѓаваше освен ситен златен песок и силно сонце. Она што излегуваше од под неговите прсти беше многу поинакво: ги имаше сите бои, и сите бои беа вклопени во совршена хармонија. Зборовите се мешаа, приказните во хаикот станаа потполно неразбирливи, но боите беа дел од божественото. Хаикот беше готов и беше волшебен. Тој претпоставуваше дека на оној што ќе сака да го прочита неговото дело ќе му треба посебен клуч, и долго размислуваше како би можел да му го даде. Она што овој хаик засекогаш го издвои од останатите беше токму тој клуч: ткајачот реши дека во тој хаик ќе се танцува.

* * *

Езерото беше разбранувано, и на Јасус Моа му се чинеше дека танцува пред неговите очи. Беше задоволен од она што го постигна. Многу задоволен. Работите во Ласта испаднаа онака како што тој посакуваше и сега имаа нов крал. Сега можеше спокојно да почне да го остварува она што сакаше да го постигне. Да изгради град по свој вкус, со религија каква што веруваше дека секој треба да ја има. Стариот крал ја немаше. Нему му беше важно да гради цркви од камен, и заслепениот народ дури и го именуваше тоа место според него. Лалибела, проклетство!, какво грдо име!

* * *

Уште се размислува околу тоа што го натерало да почне. Тие беа номади и никако не се согласуваше со логиката да се гради што било. Но, ете, тој почна и не престана додека не помисли дека е доволно. Само таа знаеше зошто. Неговата жена знаеше. Црквата ја натера на тој брак, Црквата ја оттргна од семејството и од нејзиниот град за да му биде жена на оној номад. Тој, всушност, мораше да гради за да се оддолжи, а неговите глупави поданици веруваа дека преку ноќ станал побожен и почнал да го обожува Христа. Му градеше секакви споменици, од цркви до обични крајпатни крстови. Луѓето го одделуваа каменот од земјата, го клесаа за да лежи подобро и се качуваа кон небото, стоејќи на тој камен. Велат дека работата е полесна кога однапред се знае целта. Тој, Лалибела Номадот од лозата на Загве, ги убеди дека така ќе биде подобро: Бог ќе им се смилостиви и ќе им даде многу повеќе пријатни денови, па ќе можат да патуваат многу подолго и многу побргу. Насекаде ќе ги дочекува оаза со богат плод, и небото ќе биде мирно кога ќе спијат под него. Секако, не сите веруваа во тоа, но неверниците толку бргу исчезнуваа во темелите на новите градби што воопшто не е вредно да се споменуваат.

* * *

Излегов од Дебре Дамо за да станам подобар човек. Излегов од тој град за да ја пренесам пораката меѓу луѓето, за да видат. Бев радосен кога ми кажаа дека тој почнал да гради, и секој на мое место ќе тргнеше натаму.
Убаво ме пречека кога стигнав, и ми дозволи да почнам да подучувам и да ја ширам Неговата порака. Собрав луѓе околу мене, и сите верувавме во она што Номадот го имаше замислено. Ги поттикнувавме луѓето на градење, им кажувавме што треба и како треба да се чини за да ни биде Тој милостив. Јас бев тој што нареди неверниците да бидат вградени во темелите. Мислев дека нема поголема жртва од човечки живот. Морав да ја одржувам вербата меѓу луѓето. Јас ја имав во себе, и секому ја раздавав. Номадот ми даваше целосна поддршка. Ох, кога само ќе се сетам колку наивен сум бил!

* * *

Ми зборуваат за диви орди што ќе се полакомат по моите градби. Нивната сила е дива како тие самите, нивната верба е инаква од онаа на оние што ми дадоа жена и мир за мојот народ, и музиката што ја имаат е ѓаволски развратна. Како мојата жена во своите мисли.
Можеби ќе треба да се иселиме од Буња.

* * *

Тој знае за моите мисли. Некако узнал. Можеби оној грозен калуѓер видел нешто во моите очи. Ќе морам да најдам начин да се ослободам од него. Ќе биде голем грев ако калуѓерот е пророк… Не!, никој не смее да знае за моите мисли.

* * *

Ја гледам кога наутро го поздравува денот. Таа е дел од мојата молитва, но Великиот Јасус ми рече дека е грев да се љуби туѓа жена. Ми се закани дека ќе ме протера од Буња ако не си ги скротам мислите. Не требаше да му кажам. Сега вели дека има мисија за мене. Ќе ме поставел за постојан придружник на Кралот.
Мене не ми треба тоа. Мене ми треба да ја гледам кога Кралот не е тука. Не требаше да му кажам.

* * *

Толку едноставно го рече тоа, како да се работеше за нешто многу обично. Тогаш разбрав дека тој нема вистинска верба. Бев гневен, но молчев и се покорував. Тргнавме да се селиме. Текле Хајман беше како зашеметен тој ден. Ја видел утрината и таа погледнала кон него, и насмевката што му ја упатила сè уште тлее во неговите очи. Умно постапив кога наредив да го следат. Разбрав дека ќе морам да го отстранам. Тргнавме да се иселиме, и сите големи градби посветени Нему останаа напуштени. Разбрав дека тој нема вистинска верба.

2018-08-21T17:21:09+00:00 декември 29th, 2008|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 63|